Даниловски предупредува што ни носат комарците, крлежите и климатските промени

По појавата на нови случаи на заболувања што ги пренесуваат комарци и крлежи, повторно се отвора прашањето дали климатските промени го зголемуваат ризикот за појава на заразни болести во Македонија. Професорот д-р Драган Даниловски во својот најнов осврт објаснува дека ситуацијата бара внимание и надзор, но не и создавање непотребна паника.

По појавата на нови случаи на заболувања што ги пренесуваат комарци и крлежи, повторно се отвора прашањето дали климатските промени го зголемуваат ризикот за појава на заразни болести во Македонија. Професорот д-р Драган Даниловски во својот најнов осврт објаснува дека ситуацијата бара внимание и надзор, но не и создавање непотребна паника.

Според него, болестите што се пренесуваат преку вектори – како комарци, крлежи и други инсекти – зависат од сложена врска меѓу причинителот, животните, човекот и животната средина.

„Климатските промени не создаваат нови болести. Тие ги менуваат условите во кои постојните болести можат да се појават, да опстанат и да се шират“, посочува Даниловски.

Тој објаснува дека повисоките температури, поблагите зими и подолгите топли сезони можат да влијаат врз активноста и распространетоста на комарците и крлежите, но нагласува дека температурата е само еден од факторите.

„Проценката на ризикот никогаш не смее да се темели само на еден фактор. Важни се и урбанизацијата, промените во користењето на земјиштето, патувањата, миграцијата на животните и човековото однесување“, пишува професорот.

Даниловски посочува дека Западнонилската треска е една од најзначајните болести што ги пренесуваат комарците во Европа, а случаи се регистрираат и во Македонија.
Сепак, тој предупредува дека секој нов случај не значи автоматски епидемија.

„Во најголем број години станува збор за очекувана сезонска појава, чиј интензитет зависи од временските услови, бројноста на комарците и активноста на вирусот во природата“, наведува тој.

Според него, најголемиот дел од заразените лица немаат симптоми, додека тешките форми се ретки и најчесто се јавуваат кај повозрасни лица, пациенти со хронични заболувања и лица со ослабен имунитет.

Осврнувајќи се на Лајмската болест, професорот објаснува дека не секој убод од крлеж значи заразување.

„Не секој убод од крлеж значи и инфекција. Најнапред, крлежот мора да биде инфициран, а во повеќето случаи потребно е да остане прикачен подолго време за да дојде до пренесување на бактеријата“, посочува Даниловски.

Тој советува по престој во природа внимателно да се провери телото, особено кај децата, и крлежите да се отстрануваат што е можно порано.

Професорот нагласува дека современото следење на овие заболувања бара заедничка работа на медицината, ветерината и екологијата.

„Здравјето на луѓето, животните и животната средина е меѓусебно зависно. Само така може навреме да се препознае и намали ризикот од појава и ширење на овие инфекции“, наведува тој.

Во својот текст Даниловски апелира граѓаните да преземаат едноставни мерки за заштита – користење репеленти, носење соодветна облека при престој во природа, отстранување застојана вода околу домовите и следење на препораките од здравствените институции.

„Колку светот станува посложен, толку повеќе ни е потребен епидемиолошкиот начин на размислување – правилно да процениме што навистина претставува ризик, а што не“, заклучува професорот.