
Отчет на Јаневска: Реализиравме бројни реформи, го подигнуваме квалитетот на образованието
- Пред две години затекнавме катаклизма. Запревме понатамошен пад и со одговорно и посветено работење сега веќе го подигнуваме квалитетот на образованието и ја раздвижуваме науката, оцени министерката Јаневска.
Образованието и науката се столб на развојот и затоа остануваме посветени на реформите кои ќе обезбедат подобри можности за младите и поконкурентна држава – порача денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, на прес-конференција во Владата на која даде отчет за сработеното во изминатите две години.
Според Јаневска, посветено и одговорно се работело на подобрување на образованието и науката, преку бројни реформи насочени кон подобрување на условите и можностите за учениците, студентите, наставниците и научната заедница.
– Пред две години затекнавме катаклизма. Запревме понатамошен пад и со одговорно и посветено работење сега веќе го подигнуваме квалитетот на образованието и ја раздвижуваме науката, оцени министерката Јаневска.
Таа рече дека е обезбедена системска поддршка за талентираните ученици и оти целосно се покриени трошоците за пат и котизација при учество на меѓународни олимпијади. Во процес на изработка е концепција за детектирање и работа со талентирани и надарени ученици.
Унапредени се стручното и дуалното образование во кое се вклучени 1000 компании и формирани се седум регионални центри за стручно образование и обука, а наскоро ќе биде отворен и осмиот.
– И во основното и во средното образование воведовме кариерно советување, односно насочување на учениците, што им го олеснува изборот на понатамошниот личен развоен пат. Ова се еден дел од целите од Реформската агенда кои успешно ги исполнивме, за што министерството треба да добие средства од ЕУ во висина од над 19 милиони евра, рече Јаневска.
Зголемен е бројот на ученички стипендии за дуално образование и на последниот конкурс се понудени 1570.
Според Јаневска, воспоставен е стабилен систем за навремена набавка и испорака на учебници.
Трета година по ред, рече Јаневска, сите ученици ќе ги добијат учебниците на 1 септември, вклучително и учебниците по странски јазици кои со години недостигаа. Свежи се сеќавањата кога децата пред неколку години се снаоѓаа копирајќи скрипти, за што беа предупредувани дека ќе следуваат казни за нив и нивните родители.
Јаневска рече дека драстично е зголемена поддршката за учениците со посебни образовни потреби преку ангажирање на 1.350 образовни асистенти во основното и прв пат 150 асистенти во средното образование. Дополнително, информираше, овозможено е образование во хибриден формат за ученици кои подолго болничко или домашно лекување, а зајакната е и поддршката за образованието на помалите заедници во земјата.
Осврнувајќи се на состојбите во студентскиот стандард, Јаневска посочи дека се прифатени повеќе барања на студентите, меѓу кои проширување на опфатот на субвенционираниот студентски оброк за да можат да го користат и постдипломците и вработените студенти, олеснување на условите за добивање стипендии и воведување нови категории стипендии.
– Ги олеснивме критериумите за користење на одредени категории на стипендии, на пример за студиски програми за наставен кадар. За да ги поддржиме младите кои сакаат да го одат по патот на науката и да ги задржиме тука, ги изменивме условите за стипендирање на студии на најдобрите 100 светски универзитети. За стипендиите за постдипломски студии овозможивме да аплицираат студенти со завршени тригодишни додипломски студии. Од октомври воведуваме и нови стипендии за студенти со ретки болести и посебни образовни потреби, рече Јаневска, посочувајќи дека се направени законски измени со кои сите предвидени студентски стипендии во годишните конкурси ќе бидат доделувани.
Новиот Закон за високо образование кој го предлагаме, наведе таа, предвидува најдобрите студенти во секоја генерација, добитниците на инженерски прстен и други државни признанија, да имаат предност при вработување во јавните високообразовни и научни установи, рече Јаневска.
Во образовната инфраструктура се инвестирани околу 70 милиони евра за повеќе од 90 проекти. Изградени се или се градат, наброја, десетина нови училишни објекти и четири спортски сали, триесет постојни се реконструирани, реконструирани се и 30-ина училишни објкети, а реконструираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“ од октомври ги отвораат вратите за студентите.
Ја откочивме и изградбата на објектот на ФИНКИ во дворот на УКИМ кои седум години беа закочени, а започната е постапка за изградба на посебен објект за Факултетот за физичка култура, спорт и здравје. Во 160 училишта инсталирана е нова ИТ опрема и безбеден пристап до интернет, а вештачката интекегенција влезе во училиштата и над 1.000 наставници се обучени за за правилно користење.
Министерката за образование се осврна и на оптимизацијата на училишната мрежа и едносменското работење воведено во над 200 училишта.
– Свесна сум дека има реакции за оптимизацијата, но да повторам – никој нема да биде отпуштен од работа, иако во претходните 7 години имаме 17 илјади ученици помалку и се намалува соодносот наставници спрема ученици – рече Јаневска.
Многу се потрудивме, потенцираше, и за наставниците. Обебзедивме долгорочна економска стабилност. Потпишавме спогодба со СОНК за гарантирано зголемување на платите во период од четири години за 40 до 60 проценти во зависност од стапката на инфлација. Во првите две гооидни патите се зголемија за 20 проценти, а претходно тоа се правеше само пред избори и секогаш беше помало од растот на инфлацијата, наведе Јаневска.
Продолжува, како што рече, и кариерното напредување на наставниците и стручните соработници во основното образование, а првпат годинава е воведено и во средното. Со новиот електронски дневник пак, наставниците се ослободени од бројни административни обврски и заштитени од притисоци за менување оценки. Почна и етапно воведување електронси свидетелства, годинава од прво до трето одделение.
Министерката за образование информираше и дека во високото образование и науката, буџетот за универзитетите е зголемен од 3 милијарди денари во 2022 година на 8 милијарди денари во 2026 година, додека буџетот за наука е зголемен од 380 на 773 милиони денари. Во 2025 година се доделени над 370 милиони денари за научно-истражувачки проекти, а обезбеден е бесплатен пристап до базите Web of Science и Scopus.