Поевтинуваат ХПВ тестирањето и ликвид ПАП цитологијата

Мерката е веќе во сила и директно придонесува кон зголемување на бројот на достапни тестирања и подобрување на пристапот на жените до превентивна здравствена заштита, соопшти денес на брифинг со новинарите директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) донесе одлука за значајно намалување на референтните цени на две клучни дијагностички услуги во рамките на програмата за рано откривање на рак на грлото на матката – ХПВ генотипизацијата и ликвид ПАП цитологијата.

Мерката е веќе во сила и директно придонесува кон зголемување на бројот на достапни тестирања и подобрување на пристапот на жените до превентивна здравствена заштита, соопшти денес на брифинг со новинарите директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски.

ХПВ генотипизација – референтната цена се намалува од 5.500 на 3.310 денари, односно за 39,8%. Партиципацијата која ја плаќа пациентот се намалува од 550 на 350 денари.
Ликвид ПАП цитологија – референтната цена се намалува од 2.200 на 1.250 денари, односно за 43,2%. Партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари. Конвенционалниот ПАП тест останува на постојната цена од 600 денари, без промена.

Ревидираните цени на ХПВ генотипизацијата се во сила од 01.05.2026 година, а на ликвид ПАП цитологијата од 09.06.2026 година.

Како што беше објаснето на брифингот, ревизијата на цените е пресметана врз основа на реалните фактурирани услуги во 2025 година. Анализата покажала дека со задржување на истото ниво на финансирање, бројот на достапни тестирања значително се зголемува: Кај ХПВ тестирањето од 13.466 тестови на 22.375 тестови годишно – зголемување од 8.909 тестови (+66,2%), а кај ликвид ПАП цитологија: од 2.427 тестови на 4.271 тест годишно – зголемување од 1.844 тестови (+76,0%).

„Ова значи дека за ист финансиски влог значително поголем број жени ќе можат да бидат опфатени со скрининг, вклучително и жени кои досега поради финансиски причини не пристапувале кон овие превентивни прегледи“, беше посочено на средбата со новинарите.

Раното откривање спасува животи

Ракот на грлото на матката е еден од малигните заболувања кои можат успешно да се превенираат и лекуваат доколку се откријат навреме. Кога болеста се дијагностицира во рана фаза, стапката на успешно лекување и преживување е значително повисока.

ХПВ тестирањето и цитолошкиот скрининг претставуваат клучни алатки за навремено откривање на преканцерозни промени и рак во ран стадиум, овозможувајќи навремена интервенција и подобри здравствени исходи.

„Со оваа мерка не само што ги намалуваме трошоците за осигурениците, туку создаваме услови значително поголем број жени да бидат опфатени со современи превентивни тестирања. Нашата цел е средствата што ги обезбедува Фондот да се користат поефикасно, а здравствените услуги да бидат подостапни за граѓаните. Раното откривање на болестите спасува животи и затоа вложувањето во превенција останува еден од нашите приоритети“, истакна Клековски.

На денешниот брифинг беше информирано и за измените во Шифарникот на лекови кои се однесуваат на лековите што содржат активна супстанција топирамат, наменета за третман на епилепсија и други невролошки состојби.

По барање на носителите на одобрение за ставање во промет, од Шифарникот на лекови со важност од 1 мај 2026 година се избришани лековите EPIRAMAT (производител PLIVA) и TIRAMAT (производител BELUPO).

Со цел да се обезбеди непречена достапност на терапијата за осигурениците, во новиот шифарник што е во подготовка ќе биде вклучен лекот TIRAMAT (25 mg, 50 mg и 100 mg), производител FARMAVITA, обезбеден преку интервентен увоз.

Со ова се обезбедува континуитет во лекувањето и непречен пристап до терапијата за пациентите кои го користат овој лек.