Роаминг без граници на повидок: Македонија чекор поблиску до поевтини повици во ЕУ

За граѓаните, ова значи дека укинувањето на роамингот станува реална перспектива, но брзината на неговото воведување ќе зависи од реформите и техничката подготвеност на секоја земја поединечно.

Европската унија влегува во нова фаза на преговори за постепено укинување на роаминг трошоците за земјите од Западен Балкан, меѓу кои е и Македонија. Според најавите, амбасадорите на земјите членки на ЕУ треба формално да го одобрат мандатот за преговори на почетокот на јуни, по што Европската комисија ќе започне билатерални разговори со секоја земја од регионот.

Иако ова претставува значаен чекор кон интеграција на дигиталниот пазар, за граѓаните на роамингот со ЕУ сè уште не е укинат. Процесот ќе зависи од тоа колку брзо земјите ќе ги усогласат своите телекомуникациски правила со европското законодавство.

Брисел неофицијално проценува дека првите резултати би можеле да се видат околу 2027 година, доколку преговорите и техничките усогласувања се одвиваат без поголеми пречки.

Веќе е во тек и постепено намалување на цените на роаминг услугите меѓу ЕУ и Западен Балкан, кое започна во 2023 година, со јасна временска рамка за понатамошно намалување на трошоците за мобилни податоци.

За граѓаните, ова значи дека укинувањето на роамингот станува реална перспектива, но брзината на неговото воведување ќе зависи од реформите и техничката подготвеност на секоја земја поединечно.