
Хаос по протестот во Белград: Судири со полицијата, приведени десетици лица
Според извештаите од терен, центарот на Белград до доцна вечерта бил под силно полициско обезбедување, со оклопни возила, специјални единици и голем број полицајци во опрема за разбивање демонстрации.
По масовниот студентски протест „Студентите победуваат“ на плоштадот Славија во Белград, вечерта дојде до жестоки судири меѓу демонстранти и полицијата во близина на Пионирскиот парк и зградата на Претседателството на Србија.
Според српските медиуми, групи маскирани лица фрлале бакли, пиротехника, камења и т.н. „топовски удари“ кон полициските кордони, по што интервенирала Жандармеријата. Полицијата ги потиснувала демонстрантите по улиците „Крал Милан“, Таковска и булеварот „Крал Александар“, а во делови од центарот бил употребен и солзавец.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека се приведени 23 лица поради напади врз полицијата и дека има повредени полицајци. Протестот претходно започна мирно и на него се собраа десетици илјади граѓани од цела Србија. Студентското движење бара распишување предвремени парламентарни избори и демократизација на државата, а протестите траат уште од трагедијата во Нови Сад во ноември 2024 година, кога при уривање на настрешница загинаа 16 лица.
Во исто време, во Пионирскиот парк се одржуваше и собир на поддржувачи на претседателот Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна странка. Вучиќ по судирите повика на дијалог и порача дека државата „ќе воспостави јавен ред и мир“. Од друга страна, дел од опозицијата и демонстрантите тврдат дека меѓу насилниците имало „убачени провокатори“ со цел дискредитација на протестот.
Според извештаите од терен, центарот на Белград до доцна вечерта бил под силно полициско обезбедување, со оклопни возила, специјални единици и голем број полицајци во опрема за разбивање демонстрации.
Извор: Трн