Муцунски се сретна со Петрова-Чамова, му ги повторила позициите за Бугарите во Уставот

За средбата извести бугарската министерка порачувајќи дека Софија опстојува на барањето за „целосна имплементација на обврските преземени со консензусот постигнат во јули 2022 година“ и дека тој консензус останува „клучен за нашиот пат кон Унијата“.

Министерот Тимчо Муцунски по состанокот на НАТО во Шведска се сретна со бугарската шефица на дипломатијата Велислава Петрова-Чамова.

За средбата извести бугарската министерка порачувајќи дека Софија опстојува на барањето за „целосна имплементација на обврските преземени со консензусот постигнат во јули 2022 година“ и дека тој консензус останува „клучен за нашиот пат кон Унијата“.

Притоа таа додава дека гаранциите за првата на македонските Бугари остануваат приоритет за Бугарија.

Набргу за средбата извести и Муцунски:

„На маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Кралството Шведска, остварив средба со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова. Разменивме мислења за билатералните односи, регионалната соработка и европската интеграција на државата. Ја нагласив потребата од изнаоѓање решение за билатералното прашање, кое го кочи процесот на отворање на преговорите со Европската Унија, реафирмирајќи ги позициите на Владата и укажувајќи дека темите поврзани со македонскиот јазик, идентитет, култура и историја не можат да бидат предмет на разговори.

Акцент ставивме и на значењето на Коридор VIII и потребата од забрзување на активностите поврзани со отворањето на граничниот премин „Клепало“, како важен дел од регионалната инфраструктурна и економска поврзаност.

Го отворив и прашањето за почитувањето на правата на македонското малцинство во Бугарија, нагласувајќи ја потребата од доследно спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права“, извести Муцунски преку социјалните мрежи.