
Кевин Ворш ја презема функцијата претседател на Федералните резерви на САД
Педесет и шестгодишниот Ворш ќе има четиригодишен мандат како претседател на ФЕД и 14-годишен мандат како член на нејзиниот Управен одбор. Трамп го избра со очекување дека тој ќе биде гарант против ново зголемување на каматните стапки, со оглед на тоа што Ворш одамна се залага за нивно намалување, комбинирано со кратење на билансот на Федералните резерви.
Кевин Ворш денеска официјално ќе застане на чело на Управата за федерални резерви на САД (ФЕД), откако ќе даде свечена заклетва пред претседателот Доналд Трамп на церемонија во Белата куќа.
Ворш беше потврден на функцијата на 13 мај со гласање кое помина речиси целосно по партиска линија. Неговиот претходник Џером Пауел ќе остане член на Управниот одбор на централната банка на САД до 2028 година.
Педесет и шестгодишниот Ворш ќе има четиригодишен мандат како претседател на ФЕД и 14-годишен мандат како член на нејзиниот Управен одбор. Трамп го избра со очекување дека тој ќе биде гарант против ново зголемување на каматните стапки, со оглед на тоа што Ворш одамна се залага за нивно намалување, комбинирано со кратење на билансот на Федералните резерви.
Тој ја презема функцијата во момент кога останатите членови на Управниот одбор дебатираат за можно зголемување на каматните стапки со цел да се запре инфлацијата, предизвикана од конфликтот со Иран. Според записникот од состанокот одржан на 28 и 29 април, објавен во средата, мнозинството челници на ФЕД оцениле дека дополнително затегнување на монетарната политика ќе биде неопходно доколку инфлацијата остане трајно над зацртаната цел од два отсто.