Курти ја обвини Србија за „етничко чистење“ во Прешевската Долина

Вршителот на должност премиер на Косово, Албин Курти, ја обвини Србија дека продолжува со политики на, како што рече, „етничко чистење“ во општините со албанско мнозинство на југот на Србија, Прешево, Медвеѓа и Бујановац.

Вршителот на должност премиер на Косово, Албин Курти, ја обвини Србија дека продолжува со политики на, како што рече, „етничко чистење“ во општините со албанско мнозинство на југот на Србија, Прешево, Медвеѓа и Бујановац.

Курти тврди дека српските институции спроведуваат политика на исклучување на Албанците и блокираат помош од Владата на Косово наменета за жителите на Прешевската Долина. Според него, таквите мерки директно ги погодуваат учениците, студентите, земјоделците, училиштата, медиумите и граѓанските организации во тој регион.

Тој наведе дека поради неможноста да се префрлат средствата од Владата на Косово, околу 3.650 ученици остануваат без бесплатни учебници, повеќе од 750 студенти без стипендии, а над 950 земјоделци без поддршка. Курти додаде дека последици трпат и училишта, медиуми, организации, како и 90 деца без родители.

Косовскиот лидер соопшти дека за оваа загриженост ја информирал високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, и повторно побарал меѓународната заедница итно да реагира.

Прашањето за правата на Албанците во Прешевската Долина со години е едно од најчувствителните во односите меѓу Косово и Србија. Албанските политички претставници и институциите во Приштина повеќепати предупредуваат на институционална дискриминација, пасивизација на адреси, слаба застапеност во државните институции и недоволни економски инвестиции.

Српските власти, пак, во повеќе наврати ги отфрлаат ваквите обвинувања, оценувајќи ги како политички мотивирани. Новата изјава на Курти доаѓа во период на продолжени тензии меѓу Белград и Приштина и повторно ја отвора темата за положбата на Албанците во јужна Србија.