Муцунски: Обновата на Украина не значи само реконструкција на инфраструктурата, туку и обновување на животите, довербата и надежта

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Состанокот на високо ниво на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, кој се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на Европската Унија.

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Состанокот на високо ниво на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца, кој се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на Европската Унија.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја реафирмираше поддршката на државата за Украина, нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, нагласувајќи дека повеќе од три години Украина се соочува со неиспровоцирана и неоправдана агресија од страна на Руската Федерација, што претставува очигледно кршење на Повелбата на Обединетите нации и на меѓународното право.

Министерот, како што се наведува во соопштението од МНРиНТ, посочи дека, покрај геополитичките последици, војната предизвикала огромно човечко страдање, а како најболен симбол на тоа страдање ја издвои судбината на украинските деца.

-Повикваме на итно враќање на сите украински деца кои биле присилно однесени. Нивната депортација претставува сериозно прекршување на меѓународното право и директна повреда на нивните човекови права, достоинство и безбедност, истакна министерот Муцунски.

Воедно, тој нагласи дека, како што агресијата влегува во својата четврта година, сè појасно е дека не може да постои одржлив мир без одговорност.

Осврнувајќи се на идната обнова на Украина, министерот Муцунски посочи дека обновата на една држава не значи само реконструкција на инфраструктурата, туку и обновување на животите, довербата и надежта.

-Историјата нема да нè суди само според изјавите што ги даваме, туку и според човечноста што ја покажуваме. Нашата должност денес е да помогнеме децата на Украина повторно да се чувствуваат безбедно, повторно да веруваат и да ја градат својата иднина во слободна, мирна и суверена Украина- порача министерот Муцунски.