Бектеши: Ако треба ќе се прошири листата на производи со замрзнати цени
Министерот за економија, Крешник Бектеши на денешната прес-конференција рече дека одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти е донесена за да нема поголемо влијание во делот на трошоците што граѓаните ги имаат, особено во време на енергетска криза, имајќи предвид дека цените на електричната енергија можат да влијаат директно и индиректно во зголемување на цените и на производството и на трговијата.
Министерот Бектеши рече и дека со донесувањето на одлуката основните прехранбени продукти, лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата да се продаваат по цените што ги имале на 1. декември, не значи дека нема да се прошири одлуката и со другите производи.
„Се зависи од податоците што ќе ги добиеме наредната недела од Заводот за статистика, овие одлуки ги носиме само во интерес на граѓаните и во интерес на нивниот животен стандард“ вели Бектеши.
Министерот за економија порача дека во време на пандемија и енергетска криза, потребна е солидарност и намалување на маржите во производство и трговија и оти државата, согласно капацитетите ќе излезе во пресрет на сите чинители во економијата.
Владата вчера на 4. декември 2021 година донесе одлука да се замрзнат цените на основните прехранбени производи до 31. јануари 2021 година.
Најавија дека ако има потреба, таа одлука ќе биде продолжена.