Кацарска: Уставниот суд донесе историска одлука, институциите не смеат да ги кријат информациите од граѓаните

Институциите отсега нема да можат да ги кријат информациите кои се од јавен интерес, особено оние поврзани со трошењето на народните пари, бидејќи Уставниот суд пред неколку дена донесе значајна одлука, поврзана со слободата на изразување, како и примање и пренесување на информации.

Институциите отсега нема да можат да ги кријат информациите кои се од јавен интерес, особено оние поврзани со трошењето на народните пари, бидејќи Уставниот суд пред неколку дена донесе значајна одлука, поврзана со слободата на изразување, како и примање и пренесување на информации.

Поточно, Уставниот суд утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарот Давид Илиески, кој иако побарал јавни информации од Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, истите не ги добил.

Судија известител во овој предмет беше уставната судијка Добрила Кацарска, која за ,,Фокус” појаснува како оваа одлука на Уставниот суд ќе влијае во иднина. Поточно ја прашавме Кацарска дали оваа одлука воспоставува задолжителна пракса имателите на информации од јавен карактер да ги доставуваат бараните податоци, а со цел транаспарентен отчет за трошење на народните пари?

-Се надевам дека имателите на информации од јавен карактер при постапување ќе ја имаат во предвид оваа наша одлука и ќе ги доставуваат бараните податоци. Точно е дека оваа одлука воспоставува пракса. Во едно демократско општество транспарентноста и отчетноста се неопходни принципи, особено кога се работи за информации од јавен интерес. Дополнително, неизвршувањето на конечното решение го поткопува и принципот на владеење на правото затоа што утврдените права не можат да се остварат во пракса, вели уставната судијка.

На прашањето, дали досега Уставниот суд расправал по слична иницијатива или ваков случај за прв пат беше разгледуван, Кацарска појаснува:

-Уставниот суд имал многу предмети за заштита на слободата на мислата и јавно изразување на мислата, но не и за ваков случај.
Освен тоа ова е прв пат да се примени член 57 став 2 од Актот на судот. Во рефератот го наведов овој предлог од причина што сметам дека ниедна институција која има информација од јавен карактер не смее да ги крие тие информации, затоа што во спротивно постои мешање во слободата на изразување.
На новинарите мора да им бидат достапни информациите за да може преку нивното слободно изразување на мислата да ја информираат јавноста, вели Кацарска.

Покрај оваа значајна одлука, Уставниот суд му даде и рок од 8 дена на имателот на информацијата (Развојната банка) да ја достави. Затоа ја прашавме судијката, што во случај доколку банката повторно нема да сака да одговори? Дали одлуката на Уставниот суд е обврзувачка?

-Да,точно е дека Уставниот суд ја задолжи Развојна банка на Северна Македонија да ги доатави бараните податоци до барателот, а тоа да го стори во рок од 8 дена од објавувањето на одлуката на судот во Службен весник. Банката мора да постапи по оваа наша одлука, во спротивно подносителот може да бара извршување на одлуката. Уставниот суд по потреба ќе побара од јавните органи да го обезбедат извршувањето на одлуката. Врз основ на претходно добиени податоци и известувања, судот може да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното обвинителство.
Е токму заради сето ова одлуката на судот е многу значајна, за да никој да не се мајтапи со граѓаните. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и правно обврзувачки за сите субјекти. Заради сето ова може да се каже дека станува збор за историска одлука на судот, децидна е судијката Кацарска.

Оваа одлука беше донесена едногласно, со поддршка на сите осум судии во Уставниот суд.