Директен судир меѓу САД и Иран: Борбени хеликоптери уништија шест брзи чамци

Американската и иранската војска размениле оган во Ормускиот теснец, додека тензиите во регионот нагло ескалираат, објави Си-ен-ен.

Американската и иранската војска размениле оган во Ормускиот теснец, додека тензиите во регионот нагло ескалираат, објави Си-ен-ен.

Командантот на американската Централна команда (CENTCOM), адмирал Бредли Купер, изјави дека американските сили уништиле шест брзи чамци на иранската морнарица. До судирот дошло откако Иран лансирал повеќе крстосувачки ракети, дронови и мали пловни објекти кон бродови на американската морнарица, како и кон трговски бродови под нивна заштита.

Според Купер, нападите врз иранските пловила биле изведени со хеликоптери од типот AH-64 Apache и SH-60 Seahawk.

Тој нагласи дека американската морнарица не користи класична придружба на трговските бродови, туку применува повеќеслоен одбранбен систем кој вклучува бродови, авиони, хеликоптери, системи за рано предупредување и електронско војување.

Ситуацијата дополнително се влоши откако Обединетите Арапски Емирати соопштија дека од Иран биле испукани четири проектили кон нивна територија. Три биле пресретнати, додека четвртиот паднал во морето. Властите информираа дека силните експлозии низ земјата се резултат на противвоздушната одбрана.

Набргу потоа, беше пријавен и нов напад со ракети и дронови, што претставува прв директен ирански удар врз некоја заливска држава откако пред околу еден месец беше прогласено примирје.

Во меѓувреме, се појавија извештаи за пожари и штети. Во Фуџаира, дрон погодил нафтено постројување, предизвикувајќи пожар, додека биле регистрирани и пожари на товарни бродови во близина на Дубаи. Причините за овие инциденти сè уште не се официјално потврдени, а Иран не презеде одговорност за нападите.

Ескалацијата доаѓа по иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за „ослободување“ на бродовите блокирани во теснецот, на што Техеран претходно најави дека ќе одговори со сила.