
Важна одлука на Уставниот суд: Информациите од јавен карактер мора да бидат доставени
Уставниот суд утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарот Давид Илиески и со примена на член 57 став 2 Актот ја задолжува Развојна банка да ги достави бараните информации
На денешната седница Уставниот суд утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарот Давид Илиески и со примена на член 57 став 2 Актот ја задолжува Развојна банка на Северна Македонија да ги достави бараните информации, согласно Барањето за пристап до информации од јавен карактер заведено под бр.03-2916/1 од 10 октомври 2025 година и тоа да го стори во рок од 8 дена откако Одлуката на Уставниот суд ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Судот со донесување на оваа одлука направи исклучително значаен исчекор кој во иднина ќе даде придонес, не само во заштитата на уставно-гарантираното право на слобода на изразување, туку и ќе воспостави пракса, имателите на информации од јавен карактер да ги достават бараните податоци.
Оваа одлука е донесена едногласно, со поддршка на сите осум судии во Уставниот суд, соопштуваат оттаму.
Судот утврди дека станува збор за повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата која била сторена со дејствие, во форма на пропуштање, односно неизвршување на обврзувачка одлука од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (АСПИ). Имено АСПИ ја обврзала Развојна банка како имател на информации да ја спроведе одлуката и да ги достави бараните информации на новинарот. Иако обврзувачко, по ова Решение не било постапено.
Во оваа постапка беше спроведен „трипартитниот тест во демократско општество”, кој го применува Европскиот суд за човекови права, со цел да оцени дали ограничувањето било оправдано, или постои повреда на слободите и правата.
Повикувањето на банкарска тајна како аргумент да не се споделат информациите не може да претставува законска основа за ограничување на правото.
Во однос на тоа дали постои легитимна цел да не се споделат сите побарани информации, Судот ја зема предвид заштитата на доверливи податоци како можна легитимна цел, но во конкретниот случај тоа веќе било предмет на оценка од надлежен орган, односно АСПИ утврдил дека не постојат причини за ограничување на информациите. Па согласно наведеното, повторното повикување на истата основа од страна на Развојна банка не може да се смета за оправдано.
При анализата на третиот услов – неопходност во едно демократско општество, од анализата на предметот произлезе дека ваквото непостапување на Развојната банка, не само што не е неопходно, туку е и спротивно на принципите за транспарентност и отчетност, особено кога станува збор за информации од јавен интерес. Самото неизвршување на конечното решение го поткопува и владеењето на правото.
Анализирајќи ги сите услови, Судот утврди дека во овој случај, имателот не може да се повикува на доверливи информации, па поради тоа да не ги сподели бараните податоци и затоа постои мешање во слободата на изразување, незасновано на легитимна цел и не е неопходно во едно демократско општество, со што е сторена повреда на правото на подносителот да прима информации, како составен дел од слободата на изразување.
Станува збор за новинар кој побарал информации кои се однесуваат на користење на финансии, односно јавни средства од страна на Развојна банка – субјект во државна сопственост, што несомнено претставува прашање од јавен интерес. Дополнително, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во два наврати утврдила дека имателот на информации – Развојна банка е должен да му ги достави сите информации на барателот, во целост, со што му го признава правото на пристап до тие информации. Но и покрај извршното решение, Развојната банка не постапува, туку делумно го прифатила барањето, односно споделила агрегирани податоци за бројот на поддржани компании, поделени по сектор година и кредитна програма, но не и список или база на податоци со сите компании (и проектите) кои добиле кредити од Развојна банка во период од 01.01.2020 до денот на добивање одговор на барањето, компании што добиле под-заеми преку комерцијални банки во рамки на кредитни линии финансирани или координирани од Развојна банка.
Стојалиштето на Уставниот суд е дека правото на пристап до информации од јавен карактер е составен дел од слобoдата на изразување, односно правото да се примаат информации. Имено, слободата на примање и пренесување информации претставува нормативна разработка на слободата на јавното изразување на мислата бидејќи таа е нераскинлив дел од пошироката слобода на изразување.
Повредата на слободата на јавно информирање не е само процесна туку се трансформира во континуирано попречување на правото да се примаат информации, а со тоа попречување на слободата на јавно изразување на мислата.
Оваа одлука на Уставниот суд е од голема важност бидејќи Судот за прв пат во своето постоење, ја примени можноста што ја дава самиот Акт во член 57 и го определи начинот и рокот на отстранување на последиците кои се сторени со дејствието со кои тие права и слободи биле повредени.