Ректорот на Универзитетот во Белград на средба со Марта Кос во Брисел

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска имаше во Брисел средба со Владан Ѓокиќ, ректор на Универзитетот во Белград, каде таа нагласи дека универзитетите мора да останат места за критичко размислување и отворена дебата, ослободени од каква било форма на заплашување.

Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска имаше во Брисел средба со Владан Ѓокиќ, ректор на Универзитетот во Белград, каде таа нагласи дека универзитетите мора да останат места за критичко размислување и отворена дебата, ослободени од каква било форма на заплашување.

„Многу ја ценам неговата посветеност на одбраната на автономијата и достоинството на Универзитетот во Белград. Ова е важно за демократската и европската иднина на Србија“, објави Марта Кос на социјалните мрежи по средбата со Ѓокиќ.

Тоа е прва посета на ректорот на Универзитетот на Брисел и средба со претставник на европските институции.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по повод средбата на ректорот Ѓокиќ со Кос, наведе дека „ЕУ малку ги прекршила принципите на владеењето на правото, бидејќи лицето кое се уште не поднело оставка од функцијата ректор нема право да се занимава со политика“.

„Сигурен сум дека ова ќе бидат суштински дискусии. Единствено жалам што не одговори на поканата на претседателот на неговата земја. Се плашам дека испраќа лоша порака до граѓаните на Србија“, рече тој.

Ѓокиќ не ја исклучи можноста дека, доколку од него биде побарано, ќе ги претставува студентите на изборите што владата во Србија се уште не ги закажала.

Вучиќ денеска рече дека датумот на изборите ќе биде познат до 6 мај, или некој ден потоа.

Последните парламентарни избори во Србија се одржаа во декември 2023 година, а Српската напредна партија на Вучиќ освои мнозинство.

Мандатот на Собранието на Србија е четири години, следните редовни избори треба да се одржат најдоцна до крајот на 2027 година.