Груевски треба со децении да биде во бегство за „Плацеви на Водно“ – Казната му застарува во 2043 година

Мицкоски изјави дека доколку Груевски се појави во Македонија ќе биде испратен право во затвор. Процесот за екстрадиција тој го префрли на министерот Филков.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска му испрати посредна порака на неговиот претходник на чело на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека му е најдобро да не се враќа во Македонија затоа што веднаш по неговото доаѓање ќе биде испратен во затвор затоа што има правосилна пресуда.

Груевски имаше неколку правосилни пресуди, од кои најголемата е за случајот познат како „Плацеви на Водно“ во кој по сите негови жалби и иницијативи тој е осуден на 9 години затвор. Случајот се однесува на перење пари за купување атрактивни парцели на Водно.

Во денешното соопштение Кривичниот суд поради огромното интересирање во јавноста и многу недоумици појасни дека рокот на застарување е 17 години од денеска – на 14 февруари 2043 година. За овој случај е изречена и дополнителна парична казна која не е наплатена и е заменета со казна затвор од дополнителни 180 дена, чие извршување застарува на 14 февруари 2027 година.

Една правосилна пресуда за Груевски застаре – онаа за набавката на „мерцедесот“. Согласно законските рокови апсолутната застареност за извршување на оваа казна затворска казна настапила на 4 октомври 2024 година.

Има уште една затворска казна која е сѐ уште активна, таа во случајот „Насилство во Центар“. Затворот за Груевски во овој процес изнесува 18 месеци. Казната застарува на 10 септември 2027 година.

Тоа значи дека Груевски го чекаат долги години затвор доколку се појави во Македонија или го вратат новите унгарски власти.

„Доколку Никола Груевски се појави во Македонија, а има правосилна пресуда, ќе биде обезбеден од органите на редот и ќе биде упатен на отслужување на затворската казна. Ние сме влада за која сите закони важат. А не знам дали ќе се врати и кога ќе се врати“, изјави Мицкоски на новинарско прашање на настан поврзан со Царината. Врховниот суд во 2023 ја одби иницијативата на Груевски кој бараше нјависокиот суд да ја испита правосилноста на пресудата. Тоа беше последна судска инстанца за него.

Мицкоски рече дека Македонија побарала екстрадиција на Груевски во 2018 година, веднаш откако пребегна во Будимпешта, а таа била одбиена од унгарските власти во 2019 затоа што според законските прописи таму може да биде отфрлено барањето за лице на кое му е доделен политички азил. Екстрадицијата е побарана кога министерка за правде беше Рената Десковска. Другите министри по неа најавуваа но не презедоа ништо.

Мицкоски одби да коментира што понатаму ќе прави Министерството за правда: „Јас не сум министер за правда. Јас сум претседател на владата“, им рече Мицкоски на новинарите, иако секогаш има одговори за работи од поединечните ресори во кабинетот.

Министерството за правда реагираше неколку часа подоцна велејќи дека уште утре ќе биде доставено барање до надлежните судски органи и обвинителства и ќе се побараат потребните списи од „досието“ на Никола Груевски и понатаму ќе постапува според законските прописи.

Оваа влада е на власт 22 месеци и досега не помислуваше да се занимава со испорачувањето на Груевски од Унгарија за време на Виктор Орбан. Но откако победникот на изборите, Петер Маѓар, на вчерашната прес-конференција изјави дека „Никола Груевски е меѓународен криминалец и не треба да биде во Унгарија“, работата драматично се промени.

Министерот за правда, Игор Филков, е кадар на ЗНАМ, партијата која вчера упати „искрени честитки до Петар Маѓар по повод укажаната доверба од граѓаните, како и до партијата Тиса за остварениот изборен резултат“. Филков сега треба да го води процесот за ново барање за екстрадиција, а премиерот и ВМРО-ДПМНЕ можат барем јавно да бидат дистанцирани од него.

Мицкоски му ја честиташе победата на Петер Mаѓар на изборите во Унгарија и нагласи дека имале многу блиска соработка со премиоерот Виктор Орбан. „Но волјата на граѓаните на Унгарија е јасна и недвосмислена. Неговата политика е проевропска, очекувам поддршка за регионот и Македонија за членство во ЕУ“, рече премиерот и нагласуваше дека неговата партија и Тиса на Маѓар се дел од Европската народна партија.

Премиерот беше прашан за најавата на СДСМ дека ќе побараат ревизија на унгарските инвестиции во телекомуникациите, енергетиката и медиуми и обидувајќи се даде што е можно поинтересен одговор направи гаф и едно од најголемите дела на детската литература „Алиса во земјата на чудата“ – го нарече „читанка“.

„СДСМ изминатиов период, најблаго кажано живее според онаа читанка ‘Алиса во земјата на чудата’. Јас тоа повеќе би го класифицирал како СДСМ во земјата на лагите и конструкциите“, рече Мицкоски наведувајќи ги изјавите на опозицијата за можното банкротирање и мигрантите. „Што се однесува телекомуникациите, станува збор за јавна процедура во којашто Агенцијата за електронски комуникации објавува повик. И на тој повик имаат право да се пријават сите оние коишто се заинтересирани да добијат лиценца за мобилен оператор. компанијата ‘4иГ% којашто патем речено е партнер со германската ‘Рајнметал’ и со ‘Спејс Х’ на Илон Маск, уплати веќе 9 милиони евра и се стекна со правотo да биде трет мобилен оператор“, рече Мицкоски. Тој не е запознат со инвестиции во енергетиката.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денес на прес-конференција побара од владата веднаш да побара екстрадиција на екс-премиерот Никола Груевски, а од Будимпешта да го истражи потеклото и текот на парите што од Виктор Орбан стигаа во Македонија преку ВМРО-ДПМНЕ. „Владата ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан, не заради интересите на државата и на граѓаните, туку заради свои лични интереси“, рече Филипче набројувајќи ги медиумите, комуникациите, енергетиката, инфраструктурата , кредитите… Тој рече дека Орбан ја користел Македонија како своја приватна колонија за политички и финансиски интереси.

Преземено од Независен.мк