
Отстранети нелегално поставените тезги на влезот во Старата скопска чаршија
Синоќа биле демонтирани и отстранети нелегално поставените импровизирани тезги на еден од главните влезови во Старата скопска чаршија. Со интервенцијата, просторот што со години беше окупиран од привремени штандови е целосно расчистен.
Синоќа биле демонтирани и отстранети нелегално поставените импровизирани тезги на еден од главните влезови во Старата скопска чаршија. Со интервенцијата, просторот што со години беше окупиран од привремени штандови е целосно расчистен.
Денес на терен, градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, го означи почетокот на работите за реконструкција и трансформација на Старата чаршија, една од најзначајните инфраструктурни интервенции во ова историско подрачје во последните децении.
Проектот опфаќа површина од 1.567 м² и предвидува реставрација на калдрмата со травертински камен, со што се зачувува историската автентичност на Чаршијата, како и целосна модернизација на подземната инфраструктура, вклучувајќи водовод, канализација, електрична мрежа и оптичка инфраструктура.
Интервенцијата вклучува и ново осветлување во традиционален стил, уредување на пешачките површини и поставување на урбана опрема, со што се создава функционален и атрактивен простор за граѓаните и посетителите.
„По повеќе од пет децении без сериозни интервенции, започнуваме вистинска трансформација на Старата чаршија. Ова е инвестиција што го враќа урбаниот достоинство, функционалноста и живоста на овој историски простор“, изјави Меџити.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува околу 29 милиони денари, со цел Чаршијата повторно да стане модерен, функционален простор со зачуван историски идентитет.