
„Блесок 26“ – теренска вежба на Армијата: клучна фаза за НАТО-оценување на Лесната пешадиска баталјонска група
Со учество на околу 1.500 припадници на Армијата и поддршка од НАТО монитори, од 19 до 27 април на воениот полигон „Криволак“ и на повеќе локации низ државата ќе се реализира теренската тактичка вежба „Блесок 26“.
Со учество на околу 1.500 припадници на Армијата и поддршка од НАТО монитори, од 19 до 27 април на воениот полигон „Криволак“ и на повеќе локации низ државата ќе се реализира теренската тактичка вежба „Блесок 26“.
Како што информира Началникот на ГШ на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, на денешниот брифинг со новинарите, „Блесок 26“ претставува клучна фаза во процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) како НАТО-декларирана единица.
-Еден од клучните аспекти е проверка на системот за командување и контрола, со цел идентификување на можности за негово понатамошно подобрување и поефикасно функционирање – истакна Лафчиски.
Додаде дека вежбата е продолжение на серијалот „Македонски Блесок“ и има за цел да ја демонстрира борбената готовност, тактичката обученост и интероперабилноста на единицата во согласност со строгите стандарди на НАТО.
Директорот на вежбата, полковник Игор Арсовски појасни дека оценувањето ќе го спроведе национален тим сертифициран од НАТО школата за воени вежби, а целиот процес ќе се одвива под надзор на НАТО монитори и набљудувачи од мултинационалните копнени сили (MLF).
– Вежбата ќе се изведува под контролирани услови, со јасно дефинирани фиктивни сценарија и употреба на спротивставени сили (OPFOR), што ќе овозможи реална проверка на командувањето, логистичката поддршка и оперативните способности на Лесната пешадиска баталјонска група – истакна Арсовски.
На вежбата ќе биде употребена современа воена техника и вооружување со кои располага Армијата, меѓу кои, оклопни возила JLTV опремени со системи за далечинско управување, транспортни хеликоптери Ми-8/17, артилериски средства, вклучително хаубици БОРАН од 105 мм и М2А1, како и минофрлачи од 120 мм, специјализирани инженерски возила „Husky 1 и 2“ за детекција и неутрализирање на експлозивни направи, беспилотни летала за извидување и набљудување.
Покрај главните активности на полигонот „Криволак“, вежбовни содржини ќе се реализираат и во касарните во Штип, Прилеп и Петровец. Пристигнувањето на персоналот е планирано да започне на 16 април, свеченото отворање ќе се одржи на 20 април во Пепелиште, додека Денот за високи гости и затворањето на вежбата се закажани за 27 април.
Како што беше посочено на брифингот, подготовките за оваа сложена вежба траеле осум месеци и вклучувале серија конференции и работилници, со цел да се обезбеди целосна координација, прецизно планирање и исполнување на воените цели, како и натамошно унапредување на интероперабилноста со НАТО партнерите.