
Мелони ја оцени изјавата на Трамп за папата како неприфатлива
„Папата е поглавар на Католичката црква, правилно е и нормално тој да повикува на мир и да ги осудува сите форми на војна“, напиша Мелони на социјалните мрежи.
Италијанската премиерка Џорџија Мелони денес ја оцени како неприфатлива изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со папата Лав XIV, кој во неколку наврати ја осуди војната на Блискиот Исток.
„Папата е поглавар на Католичката црква, правилно е и нормално тој да повикува на мир и да ги осудува сите форми на војна“, напиша Џорџија Мелони на социјалните мрежи.
Трамп остро го критикуваше поглаварот на Римокатоличката црква, папата Лав XIV, за тоа што „не ја врши добрата работа“ во водењето на таа црква, како и за тоа што е „многу либерален“ и дека треба „да престане да се додворува на радикалната левица“.
„Не сум обожавател на папата Лав. Не сакам папа кој мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје“, објави Трамп синоќа на својата социјална мрежа Truth Social.
Лав XIV денес одговори на овие остри критики, кажувајќи им на новинарите дека апелите на Ватикан за мир и помирување се темелат на Евангелието и дека не се плаши од администрацијата на Трамп. Папата додаде дека нема да влезе во расправија со Трамп.