Културните работници за Уставен: „Што се смени – составот или нарачката?“

Синдикатот на културата на Република Македонија со остра реакција по одлуката на Уставен суд од 8 април 2026 година, обвинувајќи за контрадикторно толкување и потенцијално уривање на работничките права.

Синдикатот на културата на Република Македонија со остра реакција по одлуката на Уставен суд од 8 април 2026 година, обвинувајќи за контрадикторно толкување и потенцијално уривање на работничките права.

Во соопштението, Синдикатот посочува дека истиот член 66 од Колективниот договор за култура бил оспоруван и во 2021 и во 2026 година, но со различни правни позиции од страна на Судот. Според нив, во 2021 година Судот јасно утврдил дека колективниот договор е легитимен инструмент за уредување на правата на работниците, додека сега се доведува во прашање неговата законитост.

„Не може да се споредуваат како иста категорија вработени кои се во различен институционален и правен режим“, наведуваат од Синдикатот, потенцирајќи дека законите прават јасна разлика меѓу државни и јавни службеници.

Дополнително, реагираат дека Судот истовремено го оспорува колективниот договор затоа што „воспоставува сопствен модел“, но и самиот закон го оценува како недоволно прецизен, што според нив создава правна конфузија.

„Се добива впечаток дека Уставните судии се порекнуваат самите себе“, се наведува во реакцијата.

Синдикатот нагласува дека токму колективните договори треба да ги доуредуваат прашањата што законите не ги разработуваат, особено кога станува збор за методологијата и коефициентите за пресметка на платите.

Оттаму предупредуваат дека ваквото толкување може да создаде опасен преседан, со кој би се довеле во прашање сите колективни договори во државата, доколку се оспоруваат затоа што предвидуваат поповолни права од законските.

„Секој обид повисоко ниво на работнички права да се претстави како спорен е спротивен на основната логика на трудовото право“, порачуваат од Синдикатот, најавувајќи дека ќе инсистираат на почитување на основните правни начела во понатамошната постапка.