
Завршена првата фаза од преговорите меѓу САД и Иран
Првата фаза од директните разговори меѓу Иран и САД, со посредство на Пакистан, заврши денес, при што делегациите разменија писмени предлози за усогласување на своите ставови за постигнатите договори, објави Ал Џезира, повикувајќи се на извори.
Првата фаза од директните разговори меѓу Иран и САД, со посредство на Пакистан, заврши денес, при што делегациите разменија писмени предлози за усогласување на своите ставови за постигнатите договори, објави Ал Џезира, повикувајќи се на извори.
Извори блиски до иранската делегација изјавија дека нивното учество во разговорите следело по одлуката на САД да ги ослободат замрзнатите ирански средства, што било едно од барањата на Техеран во рамките на планот од 10 точки.
САД сè уште не ги коментирале наводите дека се согласиле на ослободување на овие средства.
Според достапните информации, се одржале неколку рунди преговори во, како што се вели, конструктивна атмосфера, а делегациите имале и заедничка вечера, по што следела размена на ноти.
Иранската делегација вели дека преговорите на ниво на делегации продолжуваат, со напори да се најдат дополнителни начини за унапредување на дијалогот.
Еден извор изјави дека Пакистан се обидува да обезбеди продолжување на разговорите за уште еден ден, или дополнителна рунда преговори, со цел да се постигне конечен договор, но досега не е донесена таква одлука.
Пакистанските дипломати нагласуваат дека сè уште постои надеж за напредок и дека вложуваат напори да ги охрабрат двете страни, САД и Иран, да направат дополнителни отстапки.
Понатамошниот тек на преговорите, како што тие проценуваат, ќе зависи од подготвеноста на двете страни и нивните раководства да ги дефинираат следните чекори, вклучувајќи ги механизмите за продолжување на дијалогот и можноста за одржување идни средби лице в лице.
Првата рунда разговори меѓу делегациите на САД и Иран во Пакистан заврши денес по нешто помалку од два часа, а следната рунда се очекува да следи по паузата за ручек, објави претходно Ал Џезира.
Двете страни наводно ги презентирале своите максималистички позиции за време на првата рунда, при што најголем напредок во разговорите е постигнат во врска со нападите на Израел врз Либан, одмрзнувањето на иранските средства и отворањето на Ормускиот теснец.
Мировните разговори меѓу делегациите на САД и Иран во Исламабад имаат за цел постигнување договор за трајно мирно решение, откако во вторник беше постигнат двонеделен прекин на огнот.
Американската делегација ја предводи потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, и специјалните пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, додека иранската делегација ја предводи претседателот на парламентот, Мохамед Багер Калибаф.