
Цените на нафтата пораснаа, а акциите на берзите паднаа поради стравувањата за примирјето меѓу САД и Иран, откако Израел започна големо бомбардирање на Либан.
Стравувањата дека примирјето може да пропадне додека суровата нафта останува заглавена во Ормускиот Теснец доведоа до скок на нафтата од Западен Тексас за 2,8 отсто, откако вчера падна за повеќе од 16 проценти. Суровата нафта „брент“ порасна за повеќе од два отсто на 96,70 долари по падот од 13 проценти.
Цените на нафтата остануваат далеку повисоки отколку што беа пред почетокот на војната на 28 февруари.
Главните азиски пазари паднаа и во раното тргување во Азија, Токио, Хонг Конг, Шангај, Сиднеј, Сингапур, Сеул и Тајпеј сите беа намалени.
Јапонскиот индекс „Никеи 225“ се намали за 0,5 отсто, додека „коспи“ во Јужна Кореја падна за 1,2 проценти.
Златото се намали на 4 712 долари за унца.
Промените на цените доаѓаат откако привременото примирје меѓу САД и Иран се најде на стаклени нозе за помалку од еден ден откако беше договорено. Причината се масовните напади што Израел вчера ги изврши врз сојузниците на Иран во Либан, додека Техеран нападна нафтени постројки во неколку земји од Персискиот Залив по тврдењата дека неговата енергетска инфраструктура била цел на напади.
Како одговор на нападите на Израел врз Либан, Иран го затвори Ормускиот Теснец и покрај договорениот прекин на огнот, објавија иранските државни медиуми, посочувајќи дека властите во Техеран го третираат теснецот како сè уште затворен. Само неколку бродови го преминале водниот пат откако беше објавен договорот што е далеку под стапката од околу 130 бродови што транзитирале дневно пред војната.