Објавен конкурсот за упис во средните училишта за учебната 2026/2027, најмногу слободни места за стручното образование

Со конкурсот се предвидени над 25 000 слободни места во сите 109 јавни средни училишта во државата. Од нив повеќе од 17 000 се во стручното образование, речиси 6000 во гимназиското и 570 слободни места во уметничкото образование.

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за упис во средни училишта во учебната 2026-2027 година.

Со конкурсот се предвидени над 25 000 слободни места во сите 109 јавни средни училишта во државата. Од нив повеќе од 17 000 се во стручното образование, речиси 6000 во гимназиското и 570 слободни места во уметничкото образование.

Учениците ќе се пријавуваат електронски преку порталот Uslugi.gov.mk со посебна најава за ученици од сопствените кориснички сметки на schools.mk, а потоа во училиштата каде што ќе конкурираат ќе ја доставуваат потребната документација.

Во јунскиот уписен рок ќе има две пријавувања – првото од 12 до 15 јуни и второто на 23 јуни. Во августовскиот уписен рок ќе има едно пријавување – на 20 август.