
Аријанит Хоџа: ДУИ е реформирана со нови кадри, од друга страна имате нереформирано ДУИ во ВРЕДИ
И кога ќе пресметате после две години во Европскиот фронт и гледате дека после конгресот на ДУИ има 80 отсто промена, каде што вака најнескромно кажувам дека е единствена политичка структура што успеала после 22 години да промени 80 проценти од раководството, сосема нови лица и да нема проблеми во функционирањето, тогаш кажува дека да, ДУИ е веќе реформирана партија со нови ликови, изјави Хоџа.
Потпретседателот на ДУИ Аријанит Хоџа изјави дека партијата поминала низ значајна промена, особено по последниот Конгрес. Тој, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, нагласува дека по последниот конгрес, партиската структура на ДУИ е суштински променета, што, како што вели, е редок пример во политиката.
-Редовно се кажува дека политиката е уметност на тоа што не може да се реализира. Но, генерално во општеството политиката е флуидна дејност и нормално дека процесите се одвиваат премногу динамично, рече Хоџа, потсетувајќи дека уште пред две години предупредил дека со промените во политичките сојузи се нарушуваат дотогашните баланси.
Тој оцени дека тие нарушени односи биле клучни за неговата одлука да се приклучи на ДУИ, тврдејќи дека партијата поминала низ значајна трансформација.
-И кога ќе пресметате после две години во Европскиот фронт и гледате дека после конгресот на ДУИ има 80 отсто промена, каде што вака најнескромно кажувам дека е единствена политичка структура што успеала после 22 години да промени 80 проценти од раководството, сосема нови лица и да нема проблеми во функционирањето, тогаш кажува дека да, ДУИ е веќе реформирана партија со нови ликови, изјави Хоџа.
Во однос на политичките конкуренти, Хоџа вели – дел од структурите кои порано биле поврзувани со проблеми во ДУИ, сега се дел од други политички блокови.
-Јас мислам дека моментално ја имаме реформирано ДУИ со нови кадри, со одлична перспектива, со најголема организациона структура на ниво на државата и имате нереформирано ДУИ во ВЛЕН – рече тој.
На прашањето за улогата на лидерот Али Ахмети и одговорноста за претходните кадровски решенија и политики, Хоџа рече дека индивидуалната одговорност не може да се генерализира.
-Мислам дека секој лично ги сноси одговорностите и последиците од политичкото делување, изјави Хоџа, нагласувајќи притоа дека актуелниот фокус треба да биде на новите кадровски решенија и насоката во која се движи партијата.
Во делот на односите со поранешни политички ривали, особено Артан Груби, Хоџа призна дека имал конфликти, но нагласи дека институционалната соработка секогаш функционирала.
-Сум имал комуникација во делот на професионалното работење. Без разлика на препукувањата, кога јас бев министер, а господинот Груби беше заменик-премиер, во ниту еден процес не беше ставено нашето индивидуално толкување за тоа како да се одвиваат работите, рече Хоџа.
Според него, иако името на Груби се користи за да се покрие недостатокот на резултати на ВЛЕН во Владата, смета дека не постои договор за неговото враќање.
Во однос на тоа дали лично нему му било сомнителен фактот што Груби, по неговото доброволно предавање на граничниот премин „Блаце“, по само неколку часа притворот од затворски му беше преиначен во домашен, Хоџа вели дека иако не е правник, од неговите основни познавања на правото, за Груби нема обвинение, туку предметот е во фаза на истрага и оттаму правењето јавен суд кон кого било е погрешно.
-Видете, јас не го кажувам ова за да делувам добро или недобро, но на крајот на денот и господинот Груби е татко, сопруг, син во некое семејство. И не беше во ред тоа што се претставува посебно од страна на ВЛЕН, а знам зошто го прават. Го прават бидејќи немаат резултати и сега – ајде да направиме шоу. Јас мислам дека тоа што беше став на ДУИ и став на господинот Ахмети – дека процесот треба да се остави правно, без никакво делување од било кој, да има разрешница – вели тој.
Во однос на тоа што ВРЕДИ го нарекува Груби „црна кутија“, алудирајќи дека тој знае многу и дека дел од договорот е да каже одредени работи за поранешни функционери од ДУИ и СДСМ пред органите на прогонот, Хоџа вели дека во редовите на ДУИ немаат стравови дека нивниот поранешен сопартиец може да однесе некој од нив во затвор.
-Апсолутно не и Ви кажувам дека сите тие тези, пуштени спинови се само фабрикувани во штабовите на ВЛЕН за да може да ја замајуваат јавноста со непостоечки теми, бегајќи од реалноста на погрешните политички одлуки што тие ги прават во владата – рече тој.