Папата Франциск во посета на Грција
Папата Франциск од денеска е во посета на Грција, а во трите дена колку е најавено дека тој ќе престојува кај јужниот сосед, во Атина се ангажирани 3.500 полицајци, но има и забрана за одржување на секаков вид протести и собири.
Предвидено е папата да се сретне со државниот врв на земјата, а утре заминува за Лезбос, каде што ќе ги посети бегалците сместени во прифатниот центар во Митилини.
Информациите од Грција се дека папата Франциск за време на престојот ќе разговара со млади, а утре ќе одржи света миса во концертната сала.
Во видео пораката, во пресрет на патувањето на Кипар и во Грција, поглаварот на Римокатоличката црква, се осврна на Медитеранот, но и на неговата посета на Лезбос.
-Моите мисли се и со оние кои во последниве години, па и денес, бегаат од војната и сиромаштијата, пристигнувајќи на бреговите на континентот или на друго место, и не наоѓаат гостопримство, туку непријателство, дури и експлоатација. Тие се наши браќа и сестри. Колкумина ги загубија животите во морето! Денес нашето море, Медитеранот, е голема гробница. Како аџија на непресушните извори на човештвото, повторно ќе одам на Лезбос, верувајќи дека корените на заедничкиот живот повторно ќе процветаат само во братството и интеграцијата: заедно. Не постои друг начин и со оваа надеж доаѓам кај вас“ – порача Папата.