Алиу: Македонија е меѓу најдобрите земји во намалување на смртноста кај децата

Македонија е меѓу најдобрите земји во светот во извештај на Обединетите Нации за намалување на неонаталната смртност за деца под пет години на глобално ниво, рече на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.

Македонија е меѓу најдобрите земји во светот во извештај на Обединетите Нации за намалување на неонаталната смртност за деца под пет години на глобално ниво, рече на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.

„Овој глобален извештај за 2025 година кој беше објавен вчера покажува дека Македонија е рангирана меѓу најдобрите земји во светот во намалување на неонаталната смртност при децата под 5 години. Нашата држава е прикажана како успешен пример за намалување на неонаталната и смртноста на децата под 5 години, на глобално ниво, како резултат на заедничките активности и координацијата на Комитетот за безбедно мајчинство при Министерството за здравство и партнерите Фондот за деца при Обединетите нации, Светската здравствена организација, Фондот за население на Обединетите нации и партнерите. Глобалниот извештај за 2025 година покажува дека стапката на смртност кај новороденчињата за неполна деценија е намалена за 87%, од 8,1 на 1,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца, а стапката на смртност кај деца под 5 години е намалена за 75%, од 11,1 на 2,8 на 1000 живородени деца“, изјави Алиу.

Тој додаде дека овие резултати се показател дека Министерството за здравство е на добар пат во унапредувањето на здравствената политика и заштита на мајките и децата, и со тоа и намалување на стапката на неонатална смрт во земјата.

„Изминатиот период имплементирани се повеќе мерки за зајакнување на итна акушерска нега и нега на новороденчиња, ажурирање на клиничките протоколи во земјата, подобрување на практиките за реанимација на новороденчињата и превенција на инфекции, како и зајакнување на подготвеноста за транспорт. Воедно, беше имплементиран и мастер-планот за перинатална нега 2020-2030 за операционализација на стратифицирана перинатална мрежа според ризик и овозможување континуирано унапредување на квалитетот на сите нивоа на здравствената заштита во земјата“, додаде Алиу.