Локални избори во Франција – тест за политичкото расположение пред претседателските избори

Речиси 49 милиони луѓе имаат право да учествуваат во првиот круг од општинските избори, што ќе одреди илјадници локални советници, кои, пак, ќе избираат градоначалници во своите заедници.

Француските избирачи денеска излегуваат на гласачките места на локални избори кои се сметаат за последен голем тест за политичкото расположение пред претседателските избори следната година, јави ДПА.

Речиси 49 милиони луѓе имаат право да учествуваат во првиот круг од општинските избори, што ќе одреди илјадници локални советници, кои, пак, ќе избираат градоначалници во своите заедници.

Во трките каде што нема да се постигне апсолутно мнозинство, вториот круг ќе се одржи на 22 март.

Особено внимание ќе се посвети на тоа колку места може да освои крајно десничарскиот Национален собир предводен од Марин Ле Пен. Слично како центристичката партија Ренесанса на претседателот Емануел Макрон, таа се бореше да изгради силна локална база, појаснува германската агенција.

На последните општински избори во 2020 година, француските Зелени постигнаа особено добри резултати. Меѓутоа, по тој бран поддршка, тие сега се плашат од неуспех.

Контролата врз главните градски собранија денеска ќе биде ставена на сериозен испит.

Во Париз, прашањето е дали конзервативците можат да ја преземат власта по 12 години социјалистичко лидерство под водство на градоначалничката во заминување, Ан Идалго.

Во вториот по големина град во Франција, Марсеј, социјалистите, кои, исто така, се на власт, се соочуваат со предизвици и од левичарската опозиција и од крајно десничарскиот Национален собир.

Според француските изборни правила, партиските листи мора да вклучуваат еднаков број мажи и жени по наизменичен редослед на гласачкото ливче. Покрај француските граѓани кои живеат во земјата, право да гласаат на општинските избори имаат и жителите од другите земји-членки на Европската Унија, потсетува ДПА.