Лазаров: Замрзнати цени ќе бидат демотивирачки за производството и трговијата
Професорот на Економскиот факултет на Штипскиот универзитет, проф. д-р Дарко Лазаров, смета дека мерката на Министерството за економија за замрзнување на цените на одредени продукти може да има негативен ефект врз економијата.
„Одлуката за евентуално замрзнување на цените на некои производи е типично не пазарна мерка која може да предизвика негативно влијание врз понудата на тие производи. Владата има други механизми да го ублажи ценовниот шок на краток рок преку поддршка на производителите на прехранбени производи со цел компензирање на загубите од порастот на цените на суровините и порастот на цените на енергенсите кои се очекува во наредниот период, како и обезбедување на поддршка за ранливите категории на граѓани кои се најпогодени од овој ценовен шок“ вели професорот Лазаров.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека утре или во вторник до Владата ќе биде поднесен предлог одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти.
„Секторот за трговија при Министерството за економија веќе ги направи пресметките во делот на зголемување на цените, за основните производи. Предлогот е веќе подготвен и во сабота или во вторник ќе биде испратен на разгледување во Владата и најверојатно и Македонија ќе донесе одлука за замрзнување на продажните цени на основните прехранбени производи, лебот, млекото, брашното, шеќерот, зејтинот, а можеби и месото“ најави Бектеши во интервју за емисијата „Трилинг“.
Професорот Лазаров смета дека во момент кога е во најава економска криза поважно е да се стимулира економијата наместо да се контролираат одредени цени на начин кој е не пазарен.
„Она што е многу поважно е креирање на правилни економски политики кои ќе ја поттикнат економијата и стандардот на граѓаните на среден рок. Потребно е фокусот да се стави на развојната компонента на економија преку креирање на технолошки, образовни и иновациски политики за поддршка на конкурентноста на приватниот сектор и пораст на продуктивноста, вели професорот Лазаров.
Бектеши претходно најави дека ако има предвидувања дека ќе има ценовни шокови ќе интервенираат во рамки на надлежностите и согласно со Законот за трговија.