
Родителите на загинатите во трагедијата во Кочани денеска по комеморацијата во Собранието изразија разочарување од институциите кои, како што велат тие, не ги спомнале со име нивните деца кои загинаа.
– Денеска сме собрани овде, повикани од Владата за комеморација на нашите деца после една година од трагедијата. Очекувавме и се надевавме дека кога ќе дојдеме овде ќе им оддадат почит на нашите деца, но сè падна во вода. Комеморација за нашите деца – 63 жртви за една држава, со две страници читање, е голем удар за нас родителите. Ова не го очекувавме, ова е уште една голема рана за нас родителите, рече Габриела Наунова, мајка на загинатата Надица Наунова.

Таткото на Надица, Александар истакна дека очекувале барем имињата на нивните деца да бидат кажани.
– Очекувавме за секое дете да има барем по две минути, но, за жал, ниедно дете не беше удостоено со име и презиме. Една година чекавме државата да се одважи и да организира комеморација за нашите деца. Тоа требаше да се случи многу порано. Овој чин е многу задоцнет, но важен бидејќи покажува дека трагедијата во „Пулс“ не е само семејна болка туку и институционална одговорност. Затоа очекуваме институциите што поскоро да ја преземат својата одговорност и конечно да има вистинска правда, како што кажа и претседателот на Собранието, Гаши, рече Александар Наунов.
Тој додаде дека комеморативната седница била последна надеж за нив и дека сега ја изгубиле и неа.
– Ние родителите ќе ја бараме вистинската правда и се надеваме дека ќе ја добиеме. Комеморацијата беше изнудена, под притисок на нас родителите, рече Наунов.