Г7 ќе разговара за ослободување на итните нафтени резерви по растот на цената над 100 долари

Министрите за финансии на земјите од групата Г7 се подготвуваат да разговараат за можноста за ослободување на итните нафтени резерви, откако војната меѓу САД и Израел со Иран ја турна цената на суровата нафта над 100 долари за барел, највисоко ниво од 2022 година.

Министрите за финансии на земјите од групата Г7 се подготвуваат да разговараат за можноста за ослободување на итните нафтени резерви, откако војната меѓу САД и Израел со Иран ја турна цената на суровата нафта над 100 долари за барел, највисоко ниво од 2022 година.

Според извештај на „Фајненшл тајмс“, разговорите ќе се одржат на итен телефонски состанок координиран од Меѓународната агенција за енергија (IEA). Состанокот е закажан за 8:30 часот по њујоршко време и ќе се фокусира на последиците од конфликтот во Иран врз глобалниот енергетски пазар.

Досега три земји од Г7, меѓу кои и САД, наводно изразиле поддршка за ослободување на дел од резервите. Стратешките резерви ги чуваат 32 земји членки на Меѓународната агенција за енергија како дел од систем за итни интервенции при енергетски кризи.

Американските власти сметаат дека соодветно би било на пазарот да се пуштат меѓу 300 и 400 милиони барели нафта, што претставува околу 25 до 35 проценти од вкупните резерви од 1,2 милијарди барели.

Во меѓувреме, Европската унија најави дека координациските групи за снабдување со нафта и гас ќе одржат состанок за да го следат влијанието на конфликтот врз европските енергетски резерви. Земјите членки на ЕУ се обврзани да одржуваат резерви што покриваат најмалку 90 дена потрошувачка.

Пазарите веќе реагираа на ескалацијата на Блискиот Исток. Цената на нафтата Брент во раното тргување во понеделникот скокна за дури 29 проценти и достигна 119,50 долари за барел, што е највисоко ниво во последните четири години. Подоцна, по веста за можниот состанок на Г7, цената се стабилизираше на околу 106,73 долари за барел, што претставува раст од околу 15 проценти.

Растот на цените на енергенсите предизвика пад на берзите во Азија и Европа. Британскиот индекс FTSE 100 се намали за 1,9 проценти, германскиот DAX падна за речиси 1 процент, додека францускиот CAC 40 загуби околу 0,7 проценти. Индексот Stoxx Europe 600, кој ги следи најголемите компании во Европа, се намали за 1,5 проценти.

Дополнителна загриженост на пазарите предизвика и ситуацијата во Ормутскиот теснец, преку кој обично минува околу една петтина од светската трговија со нафта и гас по море, а кој практично е затворен веќе една недела.

Во меѓувреме, најмалку пет енергетски објекти во и околу Техеран биле погодени во напади, додека националната нафтена компанија на Кувајт соопшти дека привремено го намалува производството како превентивна мерка поради зголемените безбедносни ризици.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека растот на цената на нафтата е „многу мала цена“ што треба да се плати за безбедноста и мирот во светот, оценувајќи дека станува збор за краткорочна последица од војната со Иран.

Од иранската Револуционерна гарда, пак, предупредија дека нападите врз енергетската инфраструктура можат дополнително да ги зголемат цените на нафтата, порачувајќи дека доколку светот може да издржи цена од над 200 долари за барел, тогаш конфликтот може да продолжи.

Системот за итни нафтени резерви беше воспоставен во 1974 година со создавањето на Меѓународната агенција за енергија, по арапското нафтено ембарго кое тогаш предизвика глобална енергетска криза. Од тогаш до денес, IEA координирала пет заеднички ослободувања на резервите, од кои последните две беа како одговор на руската инвазија врз Украина.