(ВИДЕО) Тренчевска: Додека други молчат, ние не – ОСТАВКА!

„Трагедијата во скопската населба Карпош, во која згаснаа два човечки животи, на мајка и дете ја потресе целата јавност. Оваа трагедија покажа сериозни пропусти на институциите за заштита од семејно насилство, системски неуспех да се заштитат човечки животи. Две години се пријавувало семејно, физичко и психичко насилство.

Дури 12 пријави имало за сопругот кој имал и друго обвиненија, пријави, а во последниот случај била пронајдена и дрога. Институциите биле алармирани, било пријавувано, имале сознанија, имало индиции за ризик и со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите. Потфрли Панче Тошковски. Потфрли МВР. Потфрлија центрите за социјална работа. Потфрли целиот институционален систем“ рече на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска.

 

Таа вели „Формалното постапување, игнорирањето на законските обврски и непостоењето на навремена реакција доведоа до најстрашниот исход – трагична смрт на мајка и дете. За жал, ова не е изолиран случај. Само пред неколку месеци во Велес млада жена беше убиена заедно со нејзиниот татко, иако претходно пријавувала насилство. Институциите повторно не реагирале навреме. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи поради родово базирано и семејно насилство. Ова е аларм за ресет на целиот систем и повик дека одговорност мора да има“.

„СДСМ бара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и темелна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица – во МВР, центрите за социјална работа и во сите институции кои потфрлиле. Со измените на Кривичниот законик насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност. Дури и кога пријавата е повлечена. И не само кога има телесни повреди, туку и кога со насилството се нарушува здравјето на жртвата. Полицијата е обврзана да постапува и согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Затоа Тошковски да не се обидува да ја префрла одговорноста на било кој, одговорноста е кај оној што го води системот. Проблемот почнува од врвот. Единствената телеграма што денес Тошковски треба да ја испрати е неговата оставка. Додека други молчат ние не, ОСТАВКА!“ порача Тренчевска.