
Романија ќе ја крати администрацијата, одобрен и мерки за економско закрепнување
По речиси осум месеци одложување, романската влада на владина седница ги усвои кратењата во администрацијата и пакетот за економско закрепнување.
По речиси осум месеци одложување, романската влада на владина седница ги усвои кратењата во администрацијата и пакетот за економско закрепнување.
Како што пренесе БТА, ова беше соопштено на синоќешната прес-конференција, која се пренесуваше во живо на интернет.
– Мерките ќе доведат до подобрување на квалитетот на јавната администрација во Романија. Таа ќе нуди подобри услуги за населението и ќе биде поефикасна – изјави романскиот премиер Илие Боложан.
Реформата предвидува кратење на персоналот и на трошоците во министерствата и во општините. Таа ќе опфати 45.700 позиции, но реалните кратења ќе бидат насочени кон приближно 20.000 вработени, прецизираат локалните медиуми.
Како дел од пакетот, владата одобри и мерки за економско закрепнување во вредност од 5 милијарди евра за следните шест години. Критериумите за овие шеми за помош ќе бидат развиени во наредните 90 дена и ќе бидат разгледани со романските претприемачи.
– Преку овој пакет за економско закрепнување ги означуваме оние стратешки области кои ѝ се потребни на Романија во иднина, пред сè, за да може да привлече големи стратешки инвестиции – изјави министерот за финансии Александру Назаре.
Тој додаде дека во последните години земјата изгубила многу големи инвестиции бидејќи немала средства да им ги понуди на стратешките инвеститори потребните услови за да дојдат во Романија.
Реформата на локалната администрација стана повод за протести уште минатата година и предизвика раздор во владејачката коалиција. Таа е дел од третиот пакет мерки за штедење, кој има за цел да го намали прекумерниот буџетски дефицит со кој земјата се бори веќе неколку години. Коалициската влада предводена од Илие Боложан веќе одобри два пакета мерки за штедење, кои вклучуваат замрзнување на пензиите и платите, зголемување на ДДВ, зголемување на акцизите, даноците и таксите, како и реформи поврзани со специјалните пензии и државните компании, со цел да се намалат трошоците.