Обвинителите реагираат оти пратениците им ги чепкаат платите: Ова е спротивно на Устав и спротивно на закон

Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија побара од Собранието да ја повлече од дневен ред точката за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, која се разгледува на 89-тата седница.

Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија побара од Собранието да ја повлече од дневен ред точката за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, која се разгледува на 89-тата седница.

Во итната јавна реакција испратена до претседателот на Собранието и до пратениците, здружението оценува дека предложените измени треба темелно да се преиспитаат, наведувајќи повеќе објективни причини за ваквото барање.

Обвинителите посочуваат дека се свесни за сложената економска состојба во државата и потребата од мерки за штедење, но потсетуваат дека согласно Законот за платите на јавните обвинители, платата на јавен обвинител не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган, освен во случај на утврдена дисциплинска одговорност.

Во реакцијата се нагласува дека јавните обвинители извршуваат сложена и одговорна функција, носејќи го товарот на кривичниот прогон без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка. Дополнително, законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години не им се исплаќаат поради недостиг на средства во Буџетот.

Здружението укажува и дека функцијата јавен обвинител е неспојлива со вршење друга дејност, што значи дека платата претставува единствен приход. Според нивните наводи, платите се движат од помалку од 90.000 до 130.000 денари, што ги прави најниски во регионот. Во споредбата што ја доставуваат, во Србија платите се движат од 1.600 до 4.000 евра, во Црна Гора од 1.600 до 4.700 евра, во Албанија од 1.600 до 3.000 евра, додека во Бугарија просекот изнесува околу 3.000 евра плус годишен бонус. Во Македонија, според нив, износот е од 1.500 до 2.100 евра.

Во реакцијата се повикуваат и на решение на Уставниот суд од 24 декември 2025 година, со кое е поведена постапка за оценка на уставноста на претходните измени на Законот, кога биле намалени коефициентите и ограничен порастот на платите. Иако конечната одлука сѐ уште не е донесена, од здружението предупредуваат дека дополнително намалување на коефициентите би ги продлабочило веќе оспорените законски недоследности.

Според нив, ваквото законско решение е противуставно и незаконито и претставува економски притисок врз јавните обвинители, со што директно се загрозува нивната независност. Здружението повторно апелира точката да биде повлечена од дневниот ред, а потребата од измени да биде детално и внимателно преиспитана, објави Скопје1.мк.