
Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес ги обвини европските лидери предводени од Урсула фон дер Лајен дека се согласиле со претседателот на Украина – Володимир Зеленски за продолжување на војната.
„Ова се лоши вести за Европа. Војна за која очигледно нема решение на фронтот, но која подразбира ужасно уништување, се продолжува. Околу 35.000 луѓе умираат или се осакатуваат секој месец, додека линиите на фронтот едвај се движат, оставајќи стотици илјади вдовици, сирачиња, мајки кои тагуваат по своите синови. Ова е она што Брисел го поддржува“, се наведува во објавата на Орбан на Фејсбук.
Орбан изјави дека стотици милијарди евра се горат „залудно“ и додаде дека војната во Украина не ја осакатува Русија, туку Европа, како и дека создава ризик од нуклеарен конфликт и конфронтација на Европа со нуклеарна сила, пренесува МТИ.