Јавното обвинителство на Македонија реагира на коментарите во јавноста околу одлуката да му се изрече мерка куќен притвор место притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој вчера и се предаде доброволно на полицијата.
Според Обвинителството (не)безбедноста на Груби била главната причина што место притвор си отиде дома.
За Обвинителството од исклучителна важност е овој осомничен да биде обезбеден и за него да продолжи кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело.
„Јавното обвинителство како единствен и самостоен орган при одлучувањето и предлагањето на мерките за обезбедување во сите случаи се води исклучиво од законските основи. Во однос на реакциите на јавноста во врска определената мерка за обезбедување – куќен притвор за еден од осомничените во предметот „Државна лотарија“, обвинителството нагласува дека, согласно Законот за кривична постапка, мерката куќен притвор, особено кога се реализира со 24-часовен надзор, е исто така притворска мерка, која не се издржува во затворски услови само затоа што постојат специфични услови за тоа.
Таквите услови во конкретниот случај беа исполнети, бидејќи по проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка.
За обвинителството од исклучителна важност е што овој осомничен е обезбеден и за него продолжува кривичниот прогон за сомненијата за сторено кривично дело – Проневера во службата од член 354 од Кривичниот законик. За него беше спроведена финансиска истрага и се обезбедени најголемиот дел од потребните докази, во кои одбраната веќе врши увид.
Надлежните јавни обвинители во предметот постапуваат одговорно и во согласност со законските надлежности. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет, но апелира за воздржаност на коментарите во однос на легитимно донесените јавнообвинителски одлуки за да се овозможи ефикасна и правична постапка, порачуваат од Обвинителството.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак изразија „разбирање“ на револтот на граѓаните од одлуката за куќен притвор користејќи ја и оваа прилика да ја споменат довербата во правосудните органи од наводно 2 отсто, која им служи за притисок врз нив.
„Го разбираме револтот на граѓаните од одлуката на правосудните органи со 2 посто доверба од граѓаните за случајот со Артан Груби. Тоа незадоволство доаѓа по 7 годишна агонија на правосудните органи кои беа под политичка тортура и притисок на криминалната банда СДС-ДУИ и серија неказнивости за политичарите, кои од просечно ситуирани граѓани станаа олигарси на грбот на граѓаните. Тоа време заврши, а криминогениот и до гуша во афери Артан Груби ќе одговара. Извршната власт во овој случај има обврска да го обезбеди бегалецот пред органите на правдата и тоа МВР го направи.
Што се однесува до лицемерието на СДС, тоа се гледа и во фактот што до вчера велеа дека власта го пуштила да избега, а од денес велат дека е договорено неговото обезбедување пред органите на прогонот. Вистината е дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите заедно ќе одговараат. Судскиот процес за Артан почнува, а допрва ќе почне и за сите негови ортаци“, се заканија од ВМРО-ДПМНЕ со нови судски процеси, како тие да го водат или ќе го водат правосудството.