
Науката објаснува зошто Гренланд е стратешки важен: Фрлете ја мапата, земете глобус
За сфаќање на стратешкото значење на Гренланд и спорот кој настана меѓу Европа и САД не е потребна мапа. Потребен е глобус.
За сфаќање на стратешкото значење на Гренланд и спорот кој настана меѓу Европа и САД не е потребна мапа. Потребен е глобус.
Науката дојде на помош да објасни како треба да се набљудува местото на големиот дански остров во светот. Познатиот астрофизичар и некој кој работи на популаризација на науката, Нил Деграс Тајсон, во својата емисија се послужи со канцелариски глобус.
„За време на Студената војна, Советскиот Сојуз беше наш заколнат непријател. Ние, Соединетите Американски Држави, бевме загрижени кој би можел да го изведе првиот нуклеарен напад. Една бомба може да уништи цел град и да убие милиони. Како би можело тоа да се случи? На мапата на Меркатор не размислувате за Северниот пол, бидејќи тој не е дел од она што го гледате. Само ги гледате сите земји наредени од лево на десно и велите: Па, ако Русија ги бомбардира САД, би лансирале ракета хоризонтално преку океанот за да ги погодат САД. Така би го направиле тоа. Не. Сето ова се случува на сфера“, објаснува Тајсон.

Според него, кога проекцијата на Меркатор ќе ја претвориме во сфера, можеме да сфатиме дека најкратката оддалеченост меѓу Русија и САД не е по линијата на географската ширина. Најкратката дистанца е преку Северниот пол. Доколку СССР сакаше да ги нападне САД, нападот би одел во тој правец.
„Како се браниме од тоа? САД направи договор со Данска да постави воена база на Гренланд со специјална функција на следење на сè што би можело да дојде преку полот и да ги нападне Европа или Северна Америка. Тоа беше основната цел на таа станица. Во базата Тули се наоѓаат радарски системи кои го штитат западниот дел на Земјината хемисфера од каков било напад, посебно ракетен, кој би дошол од другата страна на планетата“, додава научникот.
Тајсон објаснува и дека на проекцијата на Меркатор на Гренланд изгледа огромно. Тоа е затоа што е близу до полот па, како што вели, линиите на меридијаните се „распрснати“. На таа мапа Северниот пол практично не постои. Северниот пол е целиот горен раб на мапата. Затоа Гренланд изгледа како да е поголем од Африка.
Шпионски сателити
Другото значење на половите е и шпионажата и борбата против неа.
„Уште една занимливост во геополитиката на Гренланд се сателитите во ниска орбита на Земјата. Ако орбитата го следи екваторот, сателитите ќе го гледаат само она што се наоѓа долж екваторијалниот појас. За шпионските сателити, екваторот не е добар, па се лансираат да кружат од пол до пол“, наведува Тајсон.
Како што објаснува, ако сателитот орбитира во правец од пол до пол, Земјата се врти под него и секој пат кога сателитот прави круг, гледа нов дел од Земјата. На овој начин може да мапира 100 проценти од површината на планетата. Затоа сателитите за следење се лансираат близу до половите.
Тајсон заклучува дека поради својата положба Гренланд навистина имал многу реална и значајна стратешка вредност за безбедноста на Европа, Северна Америка и НАТО, во однос на реалната или перципираната закана од Советскиот Сојуз за време на Студената војна.
Што ако Гренланд се стопи
„Гренланд е главно мраз и покрај своето име. Ако би се стопиле ледниците на Антарктикот и Гренланд, водата би се вратила во океанот. Тоа би го подигнало нивото на морето и би потопило многу земји во Јужниот Пацифик. Исто така и Флорида, чија просечна надморска височина е најниска од сите 50 сојузни држави. Нивото на водата би го достигнало левиот лакт на Статуата на слободата, потопувајќи ги сите крајбрежни градови во светот“, објаснува Деграс Тајсон.
Како што температурата на Земјата продолжува да расте, периодите кога арктичкиот мраз не е целосно замрзнат ќе бидат сè подолги. Тоа отвора бродски патишта кои можат да ги поврзат сите пристаништа, земји и региони кои имаат пристап до Северниот пол. Тоа ги вклучува Канада, Америка преку Алјаска, Гренланд, нордиските земји, Исланд и Русија. Отворањето на овие патишта овозможува трговија и тоа е последица на топењето на Земјата.
Топењето би можело да има уште една лоша последица. Тајсон потсетува дека во 1968 година на Гренланд се урна бомбардер Б-52. Носеше нуклеарни боеви глави и други бомби. Дошло до пожар во кабината кој не можеле да го изгаснат. Сите, освен еден член на екипажот, успеале да се катапултираат, додека тој загинал. Авионот се урнал и дошло до експлозија која распрскала радиоактивен материјал. Ако Гренланд почне да се топи, тој материјал може да доспее во водените текови, наведе Тајсон.