
Свечено затворени Зимските олимписки игри Милано – Кортина 2026
Со свечена церемонија вечерва во римскиот амфитеатар „Арена ди Верона“ официјално беа затворени Зимските олимписки игри Милано – Кортина (ЗОИ) 2026, на кои настапија 2.891 спортисти од 92 држави, меѓу кои и четворица македонски олимпијци.
Со свечена церемонија вечерва во римскиот амфитеатар „Арена ди Верона“ официјално беа затворени Зимските олимписки игри Милано – Кортина (ЗОИ) 2026, на кои настапија 2.891 спортисти од 92 држави, меѓу кои и четворица македонски олимпијци.
Церемонијата, насловена како „Убавина во акција“, беше посвета на природните убавини на Италија, градот Верона и на сите области во кои се одржаа натпреварите на ЗОИ2026, кои се протегаа на површина од 22.000 квадратни километри. Тоа беше и почит кон операта и уметноста, како и кон убавината на спортските перформанси, со настап на италијанскиот балетски танчер Роберто Боле.
Дел од воведната секвенца на грандиозната претстава беа изведби од најпознатите опери на Џузепе Верди – Риголето и Травијата – како и симфониска музика, балет и главниот лик Риголето.
Олимпискиот оган во амфитеатарот во Верона го внесоа олимписките шампиони во штафетата крос-кантри од Лилехамер 1994 година – Маурилио де Золте, Марко Албарело, Силвио Фаунер и Џорџо Ванцета, по што на сцената се појавија знаменосците од сите 92 земји.
Потоа следуваше доделувањето на наградите на победниците во класичното крос-кантри скијање на 50 км за жени, во кое победи Швеѓанката Еба Андерсон, како и во машката конкуренција, во која Јоханес Клебо од Норвешка го освои својот шести златен медал на Игрите, на кои медалите им ги врачи претседателката на Меѓународниот олимписки комитет (МОК), Кирсти Ковентри.
Потоа, во протоколарниот дел од церемонијата, таа го презеде олимпиското знаме од градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, и градоначалникот на Кортина д’Ампецо, Џанлука Лоренци, и им го предаде на претседателот на регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег, Рено Музелје, и на претседателот на регионот Оверњ-Рона-Алпи, Фабрис Панекуке, како претставници на домаќините на Зимските олимписки игри во 2030 година, кои ќе се одржат во Франција.
„Потврдивме дека Милано-Кортина 2026 ќе отвори ново поглавје во новата, споделена олимписка историја. Ветивме дека ќе им понудиме на спортистите и на Олимпиското движење уникатно искуство на места од светска класа, врамени со пејзажи со исклучителна убавина, почитувајќи ја одржливоста со трајно наследство. Браво Италија, го одржа своето ветување. На церемонијата на отворање реков дека сум горд што сум Италијанец. Вечерва сум уште погорд“, рече во својот говор Џовани Малаго, претседател на Организацискиот комитет на Олимписките и Параолимписките Зимски игри Милано-Кортина 2026.
Претседателката на МОК, Кристи Ковентри, прво им се обрати на спортистите во својот завршен говор
„Бевте неверојатни – секој од вас. Храбри. Бестрашни. Полни со срце и страст. Сè оставивте на снегот и мразот. Две незаборавни недели, живеејќи го секој момент до максимум. Дадовте сè од себе – и го споделивте со сите нас“, рече Ковентри, пред да им се заблагодари на сите што учествуваа во организацијата и спроведувањето на Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026. со зборовите: „Ви благодарам што ги направивте овие Игри навистина волшебни.“
На крајот од својот говор, Ковентри ги прогласи XXV Зимските олимписки игри за затворени, а потоа ги изгасна двата олимписки пламени запалени на 6 февруари за време на церемонијата на отворање во Милано и Кортина д’Ампецо.
Четврти пат по ред на Зимските олимписки игри, Норвешка беше најуспешна нација со 18 златни, 12 сребрени и 11 бронзени медали. САД беа втори со 12 златни, 12 сребрени и девет бронзени медали. Холандија и Италија освоија по 10 златни медали, а додека спортистите на земјата домаќин, воедно, освоија рекордни 30 медали.
Македонскиот тим беше составен од четворица олимпијци. Во нордиско трчање настапија Ана Цветановска и Ставре Јада, а во алпско скијање се натпреваруваа Јана Атанасовска и Мирко Лазаревски.
Милано и Кортина д’Ампецо ќе бидат домаќини и на Параолимписките игри во 2026 година од 6 до 15 март, каде што спортистите ќе се натпреваруваат во шест спортови: алпско скијање, крос-кантри , биатлон, сноубординг, хокеј на мраз и карлинг во инвалидски колички.