Проф. д-р Ана Чупеска: Царство на батерии

Овие упорни обиди за симулација на демократски процеси – сите тие „транспарентни избори“ и „независни комисии“ – веќе наликуваат на лош театарски аматеризам. Актерите, имено, не само што го заборавиле текстот туку заборавиле и која е претставата, па импровизираат деспотизам со капацитет на СОБЕН ВЕНТИЛАТОР.

Пишува: Проф. д-р Ана Чупеска

Овие упорни обиди за симулација на демократски процеси – сите тие „транспарентни избори“ и „независни комисии“ – веќе наликуваат на лош театарски аматеризам. Актерите, имено, не само што го заборавиле текстот туку заборавиле и која е претставата, па импровизираат деспотизам со капацитет на СОБЕН ВЕНТИЛАТОР.

Време е да престанеме да ја следиме оваа исцрпувачка пантомима на копче, наменета за потребите на партискиот дигитален пролетаријат.

Нашиве wannabes; „авторитарци во обид“ се живиот доказ за теоретскиот парадокс кога копијата ќе го надмине оригиналот, ама, во патетиката.

Погледнете ги, сакаат да емитуваат стаљинистичка цврстина, а завршуваат како ликови од цртан филм на кои постојано им паѓа наковална на глава додека се обидуваат да сопнат некого.

Попусто се обидуваат, да го реплицираат унгарскиот „илиберализам” , а изгледаат како играчки купени на пазар на кои им се подистрошиле батериите, па испуштаат чудни, дисторзирани звуци додека се влечат по гипсаниот барок.

Дајте, Ве молам.

Бидете озбилни : И веднаш, прогласете го Премиерот за ЦАР!

Тргнете ги маските; барем естетиката на падот ќе биде поискрена.

Целата оваа институционална драма со „тефтерчето“ на далечинско управување и Советот на „беспотребните“ веќе не е ниту иронична, туку е естетски навредлива.

Зошто воопшто да трошиме хартија и електрична енергија на огласи за обвинители кога знаеме дека селективната правда е одамна спакувана во партискиот тефтер како дневно мени?

Еве го Советот на Јавните – луѓето со својата последна изведба, не знам дали свесно го верификуваа ставот дека нивното постоење е потполно излишно. Ми заличеа, со жал ги гледам, на институционален био-декор: зафаќаат простор и собираат прашина додека чекаат звучен сигнал од штабот за да ја рецитираат својата послушност.

Што чекаме?

Поеввитно е да назначува Царот сè – од претседател на суд до дежурен хигиеничар; барем ќе заштедиме на процедурална хипокризија.

За илузијата да биде комплетна, тука “медиумите “ на далечинско оние чија уредничката мисла е само ехо на управувачот во кабинетот, ќе бидат корисни и на линија. Вклучуваш, добиваш млак воздух со мирис на партиско соопштение, и толку: вестите почнуваат со царскиот појадок, а завршуваат со ритуално жигосување на секој што не трепнал со доволно искрено воодушевување на неговиот последен говор.

Истовремено, додека нè убедуваат дека јаваме на ветрот на економскиот бум, ни се сервира најновата царска диета за „прочистување“ на нацијата.

Зошто да се замараме со досадни пресметки на БДП кога Царот може едноставно да декретира дека сме економски тигар, па макар тигарот бил од гума.

Инфлацијата веќе не постои бидејќи со закон се забранува секоја референца на реалноста, а ако Царот каже дека лебот е бесплатен, тогаш тој е бесплатен – барем во метаверзумот на неговата партиска пропаганда.

Во меѓувреме, тој лично ќе ни ја конфигурира царската кошничка: нема бел леб, нема шеќер, нема слободна мисла – само принуден детокс на умот и стомакот.

Што ќе ни се заби, ако и онака единственото нешто што ни е дозволено е да ги џвакаме партиските флаери?

За да биде контролата на овој социјален аквариум целосна, време е да го инсталираме „ЦАРСКО ОКО“. Тоа око да биде наменето за сите полноглавци кои сè уште сонуваат дека ќе им пораснат нозе. Или, зошто “службите” да работат со некаква професионална автономија кога тоа се само излишни трошоци за плати кои можат да се пренасочат за нешто „покорисно“?

Спојте ги во едно тело што нема да се занимава со баналности како странски шпиони, шверцови на дроги, оружја, мигранти, туку ќе мониторира кој заборавил да кликне „срце“ на постовите на партијата.

Кога службите се во еден џеб, секој сомнеж за оперативен надзор се решава со едно притискање на копчето. Полноглавците веднаш ќе станат послушни жаби кои крекаат исклучиво во тоналитетот што ќе го одреди царскиот диригент.

На крајот, останува само финалната естетска интервенција – чистењето на биолошкиот отпад што го контаминира нашето едноумие.

Критичната мисла е веќе дијагностицирана како дефект во системот( Резолуцијата, видете ја), па затоа сите оние „глодари“ на буџетот кои не го носат партискиот беџ, сите слободоумни интелектуалци и целиот тој „отпад“ и “талог”– едноставно нека исчезнат во тишината.

Кога ќе го прочистиме теренот од критичката мисла, ќе остане само беспрекорното ехо на царскиот глас и механичкиот аплауз на оние што преживеале само затоа што знаеле да климнат со главата во вистинскиот ритам.

Со сите овие грандиозни заштеди од обвинители кои не обвинуваат и администрација која само го симулира своето постоење, конечно ќе му купиме на Царот авион, па нека ни е со среќа патувањето во ништожноста. Ма нека биде позлатен авион, со барокни крила и вграден филтер за IQOS, за да може достоинствено да крстари над Македонија додека ние долу му мафтаме со знаменца од нашата заедничка депресија.

Летајте што подалеку и што повисоко, Ваше Височество!

Од таа височина Македонија навистина изгледа како да е во „златна ера“, а не како земја водена од патетични имитации на диктатори кои не можат да ги сменат ни сопствените батерии.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“