Македонскиот министер за правда, Бојан Маричиќ кој учествуваше на работните сесии во рамки на министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ-Западен Балкан, во Брдо – Крањ, Словенија изјави дека „проширувањето на ЕУ треба повторно да биде ставено во фокусот“.
„На овогодишниот декемвриски самит на Советот, се надевам на отпочнување на процесот на проширување, со донесување консензуална одлука за отворање на пристапните преговори и одржување на Првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија“ рече Маричиќ.
Од кабинетот на министерот информираат дека веќе е во процес на изработка новата Стратегија, за периодот 2023-2027 година, а во делот на владеењето на правото и реформите кои се однесуваат на процесот на создавање независен, непристрасен и ефикасен судски систем кој ги исполнува европските стандарди, Маричиќ се задржал на важната улога на Академијата за судии и јавни обвинители во процесот на спроведување на почетната обука и континуираното професионално усовршување на судиите и обвинителите во Република Северна Македонија.
„Мој личен став како министер е дека примарно и најважно што можеме да преземеме за да се испорача правдата и нашите граѓани да имаат доверба во нашите правосудни системи е да вложуваме во квалитетна и професионална обука на професионалците кои влегуваат во правосудниот сектор“ – потенцираше Маричиќ.