Уставниот суд отворил четири предмети за „Сејф сити“
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во изјава за медиумите денеска информира дека за системот „Сејф сити“ се формирани четири предмети. Тој нагласи дека овој проект покажал дека нашиот менталитет може многу брзо да се менува, односно да се прилагодува на правила.

– Формирани се четири предмети. Точно е дека ќе се постапува, бидејќи станува збор за новина во нашата држава. По тие предмети ќе се постапува брзо. Не можам однапред да давам своја анализа, но веќе еднаш го имам кажано мојот личен став.
Дали овој проект има легитимна цел? Да. Дали општествено е оправдан? Да. Дали мерките што ги предвидува се пропорционални на целта што сака да се постигне? Мојот став е – да. Дури и го искористив како пример на прашање од ваш колега на една меѓународна конференција, кога бев прашан зошто сум толку упорен во развивањето на уставната култура и дали сум оптимист. Да, оптимист сум.
Токму овој проект „Сејф сити“ на сите нас ни покажа дека нашиот менталитет може многу брзо да се смени, односно да се прилагодува. А, на што се прилагодува? На правила. Не сме безнадежен случај. Во нашата држава, ако има вистинска и реална подготвеност од сите актери за почитување на владеењето на правото, имаме добра перспектива и добра иднина. И оптимист сум, рече Костадиновски.