Специјалното обвинителство на Косово издаде наредба, а тамошната полиција денеска уапси 31 лице во акција во рамки на антикорупциската операција „Субвенции 2021“.
Денешната акција, како што соопштуваат од Обвинителството, е продолжение на операцијата започната кон средината на годинава, во општините Пеќ, Истог, Урошевац, Липљан, Приштина, Клокот, Вучитрн и Подујево.
12 од уапсените се официјални лица со различни позиции во општините и подрачните единици на Агенцијата за развој на земјоделството и на Агенцијата за приватизација, а останатите 19 лица се интервјуирани во својство на корисници на субвенции, велат обвинителите.
Приведените се сомничат за кривичните дела „земање поткуп“, „злоупотреба на службената должност и авторитет“, „давање поткуп“, „измами со субвенции“ и „фалсификување документи“.