Белградски „Радар“: Отворен Балкан, отворени и патиштата на дрогата

Само од петте тони запленета марихуана кај Крушевац може да се направат 12,5 милиони џоинти што ги покрива потребите на цела Србија за 105 дена. Клучното прашање е кој гледал настрана или молчел кога дрогата ја помувала границата.

Балканот е отворен, но и патиштата на дрогата се отворени. Неофицијално, како што е соопштено од а Македонија, операцијата за заплена на марихуана сè уште е во тек. Засега, вкупната бројка е речиси 50 тони, бидејќи по првичните 27, уште 21 тон беа запленети од фабриката „МедПлант“ во Ново Село, Струмица. Во една од заплените беа пронајдени повеќе од 1.300 шишиња масло од канабис и биомаса што има своја намена. Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, вели дека не знае дали опијатите пристигнале во Коњух кај Крушевац од неговата земја и дека во овој случај локалните медиуми им веруваат на српските безбедносни агенции повеќе отколку на своите, пишува во анализата за контроверзната заплена на марихуаната во Србија белградскиот неделник „Радар“.

Неделникот ги наведува политичките препукувања меѓу власта и опозицијата во Македонија околу одгледувачите на медицинскиот канабис и потоа претставува дел од деталите за заплената во Коњух.

За „Радар“ од полицијата во Крушевац велат дека дознале за операцијата дури кога Службата за сузбивање на дрога, по наредба на Обвинителството за организиран криминал (ТОК) во соработка со Европол, веќе ја спровела операцијата, а чии раководители сега се официјално разрешени. И не само Министерството за внатрешни работи, туку и извори на „Радар“ од опозицијата во Крушевац тврдат дека немале информации за Александар Мијајловиќ, кој е осомничен дека е главен организатор на криминалната група, ниту за жителите на Крушевац, ко-сопственици на фирмата „Алфафарм“ во Македонија, од кои Иван Драганиќ е осомничен дека е организатор на транспортот.

Шефот на Обвинителството за организиран криминал, Младен Ненадиќ, одговарајќи на прашања од студенти на форум на Правниот факултет во Белград, дискретно ја поврза заплената на марихуана со случајот во Јовањица, истакнувајќи дека петте тони од Коњух не се произведени во Србија и дека ова е меѓународно прашање. „Без оглед на овие измени во законот (амандманите кои сега бараат меѓународната соработка да се спроведува исклучиво преку Министерството за правда), контактиравме со колеги во странство, бидејќи законот сè уште не стапил на сила. Знаеме од каде доаѓа дрогата и знаеме кој има компанија во таа земја (Северна Македонија). Имаме и еден случај кој беше многу експониран во медиумите од 2019 година (Јовањица) каде што беше спомената и таа земја, а беше спомената и марихуаната. Сега кога ќе поврзете некои работи, којзнае што може да излезе. Тоа е уште една причина зошто ТОК не функционира со полн капацитет…“, рече Ненадиќ на форумот.

„Радар“ пишува дека 0д 2102 година кога доаѓа на власт Српската напредна партија (СНС) почнуваат да се зголемуваат мафијашките убиства во Крушевац, кого сега почнуваат да го нарекуваат Мал Меделин.

Еден по друг паднаа под куршумите: Горан Обрадовиќ – Суша, уапсен во 2014 година во операцијата „Сабја“, но ослободен бидејќи немаше докази против него, и ги презеде улиците додека озлогласената група „Јотка“ потоа беше разбиена со „Сабја“; потоа Горан Петровиќ – Пета во 2015 година, член на групата на „Јотка“, чија смрт предизвика некои кафулиња да престанат да пуштаат музика; и три години подоцна, во рок од еден месец еден по друг, Дејан Станковиќ -Ждрокинац и неговиот син Воин Станковиќ, исто така со криминално досие. Во август 2018 година, Зоран Јотиќ – Јотка, водачот на таканаречената група „Јотка“, беше уапсен под сомнение за помагање во убиството на неговиот главен ривал од подземјето во Крушевац, Ждрокинац. И исто како што во приказната околу Јовањица и Коњух се споменува името на министерот за одбрана Братислав Гашиќ, „КРИК“ исто така објави во 2021 година дека член на групата на Јотка, според прислушуван разговор од полицијата, рекол дека тогашниот директор на БИА бил „на платен список“ на Јотка. Гашиќ сè уште не потврдил дека го познава Јотка, но сепак ја доби тужбата против редакцијата на „КРИК“

„Радар“ неофицијално дознава дека по запленувањето на 12 тони марихуана во 2017 година и уништувањето на плантажите во Лазарат, најбогатото село во Албанија, кое беше надвор од контрола на Тирана, албанската мафија од Албанија и Македонија го преместила своето производство под покровителство на медицинска марихуана во Северна Македонија. Случајот го следи Европол и сè надгледува.

Консумирањето канабис, барем во Србија, според официјалните податоци од Институтот Батут, го практикуваат 118.556 лица, или 1,8 проценти од населението. Ако знаеме дека за еден џоинт се потребни 0,4 грама, тоа значи дека од 5.000.000 грама пронајдени во Коњух, , можат да се направат 12.500.000 џоинти, што ги покрива потребите на цела Србија за 105 дена, или три и пол месеци. Според податоците за Македонија, марихуана во последната година ја користеле дури 6,6 проценти од населението, или 119.338. Од првичните запленети 27.000.000 грама можат да направат 67.500.000 џоинти, што ги покрива потребите на цела Србија за 565 дена, или 18 месеци или година и пол. Се чини дека стоката е подготвена за поширокиот пазар, што го потврдува и заплената во Коњух. Понатамошните пресметки се уште поиндикативни – за 27 тони се потребни 270.000 растенија, односно 9,4 хектари – повеќе од 13 фудбалски игралишта под стакленици полни со хибридни стебла канабис.

Како безбедносните служби на Северна Македонија не го забележаа производството? Дваесет и седум тони се 5.400 кутии, што е повеќе од седум полни камиони. Како српските власти не го забележаа увозот? Сè уште не е сосема јасно како толку голема количина опијати била транспортирана преку границата. Остануваат прашањата кој погледнал на другата страна, кој молчел и, најважно, кој одобрил сè, пишува „Радар“?