
Летонскиот претседател Едгарс Ринкевич на Минхенската безбедносна конференција го изнесе своето мислење за Украина и за притисокот на Володимир Зеленски да се одреди конкретен датум за пристапување на неговата земја во Европската Унија како дел од кој било иден мировен договор.
Тој вели дека „разбираме дека ни е потребна Украина во Европската Унија“, но разговарајќи со другите лидери на ЕУ, тој има „некаков вид чувство дека во овој момент, додека зборуваме денес тука во Минхен во февруари, нема подготвеност да се говори за датум“.
Тој вели дека блокот „сака да ја види Украина [како се приклучува] што е можно поскоро“, но треба да се справи со две други прашања како дел од тој процес.Ринкевич смета дека ЕУ „треба да го погледне Западен Балкан“, бидејќи ЕУ ризикува „ голем кредибилитет во регионот“ со тоа што не напредува во своите перспективи за пристапување.
„Ветувавме толку многу работи во замена за реформи, на пример, за промена на името на Северна Македонија. Долго време им ветувавме членство“. И додава дека ЕУ не може да ја заборави Молдавија.
„Да, тоа е мала земја, но ако влезе Украина, не можеме да ја изоставиме Молдавија од ова, така што повеќе не станува збор само за Украина“, вели тој, додавајќи дека тоа би барало „многу сериозна дискусија“ за тоа како да се управува со процесот.
Тој вели „сакале или не“, членството на Украина во ЕУ е „многу поврзано со мировниот договор“, но вели дека не е оптимист дека Русија навистина ќе се вклучи во процесот, за да може да се договори.
„Ако Русија не се движи, тогаш нема да имаме договор“, вели тој.
Врвниот дипломат на ЕУ, Каја Калас, се согласува:
„Моето чувство е дека земјите-членки не се подготвени да дадат конкретен датум. Има многу работа што треба да се направи, но мислам дека [чувството за] приоритет… да се движиме и да покажеме дека Украина е дел од Европа е таму“, вели таа.
Запрашан и дали претстојните избори во Унгарија би можеле да го отклучат патот за Украина, бидејќи Виктор Орбан – кој продолжува жестоко да се спротивставува на членството на Киев во ЕУ – би можел да биде соборен од власт по 16 години, Ринкевиќ одговори:
„Би предупредил дека и Олимписките игри… и изборите понекогаш даваат многу неочекувани резултати. Да не скокаме пред кривината. Да не претпоставуваме нешто што само гласачите во секоја од нашите земји можат да го одлучат…Затоа, да почекаме додека не се случат работите и да видиме како тоа ќе се случи.“
Тој вели дека подеднакво ќе има избори во Франција и Полска следната година што би можеле да ја променат динамиката во спротивна насока.