
За 24 часа наврнаа 48 литри дожд во Македонија
Територијата на Македонија во изминатите 24 часа, до 7 часот, утрово беше под влијание на длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив. Токму овој циклонски систем услови насекаде кај нас да имаме врнежи од дожд кои најобилни беа во западните и во северозападните предели.
Територијата на Македонија во изминатите 24 часа, до 7 часот, утрово беше под влијание на длабок циклонски систем со центар над Џеновскиот залив. Токму овој циклонски систем услови насекаде кај нас да имаме врнежи од дожд кои најобилни беа во западните и во северозападните предели.
На планините во западните и во северозападните предели од Македонија со надморска височина од над 1400/1500 метри имаше врнежи од снег, а повремено дуваше и засилен до силен ветер од јужен и од југоисточен правец.

Според табелата која ја објави УХМР најмногу воден талог наврнал во западна и во северозападна Македонија , па така во Пожаране до 7 часот утрово наврнаа 48 литри на метар квадратен дожд, а од градовите најмногу дожд наврна во Тетово – 45 литри на метар квадратен дожд.
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). Попладне на планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според УХМР, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер (над 60 километри на час).