
Двајца возачи се лишени од слобода во акциска контрола што ноќеска ја спроведе СВР Скопје на подрачјето на Центар и Бит Пазар, поради основано сомнение за сторени кривични дела поврзани со прикривање регистарски ознаки.
Контролата се реализирала во периодот од 19:00 до 03:00 часот, врз основа на претходно изготвен план за зајакнати активности со цел одржување на поволна безбедносна состојба во централното градско подрачје. При тоа биле извршени проверки на идентитет на 24 лица, преглед на 17 лица и контрола на четири возила.
За време на акцијата биле констатирани седум сообраќајни прекршоци, а одземени се две возила согласно член 378 и член 380 од Кривичниот законик. Лишени од слобода се С.С. и М.А., кои управувале патнички возила „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки. Против нив се постапува поради сомнение за сторени кривични дела по наведените членови од Кривичниот законик. Дополнително, констатиран е и еден прекршок по член 80 од Законот за оружје.
Во рамки на засилените активности, полициските службеници спровеле и превентивни обиколки во парк на територијата на Капиштец, во близина на угостителски објект на булеварот „Партизански одреди“, како и кај игралиштето познато како „Дрвен Град“, поради секојдневно собирање малолетни лица.
Од МВР информираат дека засилените акциски контроли ќе продолжат и во наредниот период, со цел подобрување на јавната безбедност и санкционирање на прекршувањата.