
Стармер: Русија до крајот на деценијата би била подготвена да употреби сила против НАТО
Тој додаде дека заканите од Русија не завршуваат на фронтот, туку Москва преку хибридни, кибернетички напади и саботажи низ цела Европа го попречува секојдневниот живот.
Британскиот премиер Кир Стармер на Минхенската безбедносна конференција изјави дека Русија направила стратешка грешка со војната против Украина, во која загинаа повеќе од еден милион луѓе.
Тој додаде дека и покрај исцрпувачкиот судир Русија забрзано се вооружува и ги обновува своите воени капацитети.
Стармер наведе дека Русија до крајот на деценијата би била подготвена да употреби сила против НАТО.
– Сепак Западот не бара судир. Нашата цел е траен мир, враќање на стратешката стабилност и владеењето на правото, посочи Стармер.
Тој додаде дека заканите од Русија не завршуваат на фронтот, туку Москва преку хибридни, кибернетички напади и саботажи низ цела Европа го попречува секојдневниот живот.
Стармер се осврна и на европската одбрана, опишувајќи ја Европа како „заспан џин“ со огромен одбранбен потенцијал, што најчесто е неискористен поради фрагментирано индустриско планирање и набавки, што доведува до преклопувања и неефикасност. Тој наведе дека Европа има повеќе видови борбени авиони, фрегати и дури десет различни модели на борбени тенкови, додека САД користат само еден.
– Европа мора подобро да ги координира своите капацитети и инвестиции за целосно да ги искористи своите силни страни и да ја обезбеди долгорочната стабилност на континентот – истакна Стармер.