За еден месец собрани еден тон текстилен отпад во Кисела Вода – најполн контејнерот од Расадник

За само еден месец собравме еден тон текстилен отпад во Кисела Вода, сподели градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

За само еден месец собравме еден тон текстилен отпад во Кисела Вода, сподели градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Таа вели дека ова е јасен доказ дека граѓаните ја препознаваат важноста на селектирањето и правилното одлагање.

Посочи дека најмногу текстил е собран од контејнерот во населбата Расадник и дека во моментов се поставени 15 контејнери пред месните заедници.

„Во тек е изработка на уште 15, кои наскоро ќе бидат поставени пред училиштата и градинките. Со тоа, вкупно ќе имаме 30 контејнери за текстил низ општината. За првпат воспоставуваме систем за собирање, селектирање и рециклирање на текстилен отпад“, истакна градоначалничката.

Нагласи дека ова е резултат на соработката на Општина Кисела Вода со лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје – проект кој носи и силна едукативна димензија, особено за најмладите.

„Ова не е само техничко решение. Ова е вложување во свеста, едукацијата и иднината на нашата заедница“, порача Стаменкоска Трајкоска и воедно ѝ се заблагодари на компанијата за нивната општествена одговорност и поддршката за почиста и поздрава околина.