
Јапонците денеска на предвремени избори го избираат новиот состав на Долниот дом на парламентот.
Анкетите укажуваат на јасна победа за Либерално-демократската партија (ЛДП) на десничарската премиерка Санае Такаичи, која ја презеде функцијата пред малку повеќе од три месеци.
Според анкетите, таа би можела дури и да постигне двотретинско мнозинство со својот нов партнер, неолибералната Ишина (Јапонска партија за иновации).
Такаичи (64) на крајот на октомври беше избрана за прва жена премиерка на Јапонија. Таа ужива многу висока поддршка од Јапонците и ја изненади опозицијата со брзото распишување предвремени избори за да обезбеди мнозинство.
Главната опозициска партија, Уставната демократска партија на Јапонија, и долгогодишниот партнер на ЛДП, Комеито, ги здружија силите за да формираат нов Центристички реформски сојуз.