Независниот синдикат на полицијата утре во Битола на протестен марш: За закани за тепање и убивање на полицајци се оди во притвор

Независниот синдикат на полицијата (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.

Независниот синдикат на полицијата (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.

„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.

Барањата кои ќе се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.

Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.

Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.