Мицкоски им порачал на евроамбасадорите дека годинава нема да има избори

Тој ова го изјави на денешниот брифинг за Реформската агенда со амбасадорите на ЕУ.

Премиерот Христијан Мицкоски најави почеток на циклус средби, односно брифинзи со амбасадорите на земјите членки на Европската унија кои се резидентни во државата, со цел поблиску да се презентираат активностите што Владата ги спроведува во рамки на Реформската агенда.

Тој ова го изјави на денешниот брифинг за Реформската агенда со амбасадорите на ЕУ.

Мицкоски посочи дека дел од реформите веќе се реализираат, додека дел, од објективни причини, нема да можат да се спроведат во предвидената динамика, за што, како што нагласи, навремено биле информирани претставниците на меѓународната заедница. Тој потсети дека Владата, по преземањето на мандатот пред неполни 20 месеци, имала индикативна листа на чекори што требало да се реализираат во соработка со Европската унија, при што првата година и половина била посветена на усвојување и одобрување на тие чекори.

Според него, процесот на реализација започнал на почетокот на 2025 година, но бил забавен поради распишувањето на локалните избори и ограничувањата што произлегуваат од домашното законодавство, како и поради техничката работа на Собранието и институциите во тој период. По завршувањето на изборите, од ноември, како што рече, интензивно се работи на спроведување на Реформската агенда. Мицкоски истакна дека Владата отворено ги соопштува причините за чекорите што не можат да се реализираат, нагласувајќи дека не сака да ветува едно, а да прави друго, и оти е подготвена за искрен дијалог со партнерите од ЕУ.

Премиерот повтори дека оваа година нема да има избори, нагласувајќи дека Владата е целосно фокусирана на реформите и воведувањето ред во државата. Тој посочи дека меѓу приоритетите се проектот „Безбеден град“, борбата против криминалот и корупцијата, како и носењето закони што ќе значат поголема заштита на здравјето на граѓаните, меѓу кои и Законот за пушење. Мицкоски информираше дека се водат разговори со засегнатите страни, вклучително и секторот угостителство и туризам, и изрази очекување дека во наредните недели ќе се постигне решение што ќе има широка поддршка.