Пожарникарите пристигнале во „Пулс“ пет минути по дојавата за пожар

Командирот на противпожарната едница Кочани, Драган Апостолов на денешното судење за „Пулс“ кажа дека ноќта на кобниот настан бил дома кога добил телефонски повик во 2:47 за пожар во дискотеката, по што ги известил и повикал сите команданти на смена, а побарал и помош од Противпожарната Виница, Штип, Свети Николе и Пробиштип за да помогнат во гаснење на пожарот.

Командирот на противпожарната едница Кочани, Драган Апостолов на денешното судење за „Пулс“ кажа дека ноќта на кобниот настан бил дома кога добил телефонски повик во 2:47 за пожар во дискотеката, по што ги известил и повикал сите команданти на смена, а побарал и помош од Противпожарната Виница, Штип, Свети Николе и Пробиштип за да помогнат во гаснење на пожарот.

Целата опрема и вработени од ТППЕ Кочани била ангажирана и излезена на терен – девет возила од кои пет теренски и навални возила и три џипа со помала носивост на вода, како едено командно возило Лада Нива.

– По пристигнување во 2:55 веднаш се упатив во објектот. Од влезната врата само излегуваше чад. Огнот беше распламтен внатре, гореше плафонот, шанкот и бината. Имаше многу деца кои бараа помош. Со опрема и кислород влегов внатре во објектот, каде веќе имало негови колеги со кои почнале да извлекуваат лица. Дел од колегите истовремено извлекуваа, а дел со вода го потиснувавме огнот. Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не не пеплоса огнот сите, додека останатите извлекуваа лица, изјави појасни Апостолов.

Најмногу повредени и починати лица имало во предходникот пред влезната врата, кој, како што посочи, не бил поголем од три-четри метри. Од ходникот десно била билетарата, а лево тоалетот.

– Помеѓу повредените имаше и живи, кои ги изнесувавме надвор до црвениот тепих по што ги преземаа други, кои веројатно ги носеле во болница. За надвор не знам, цело време бев внатре, рече Апостолов.

Внатре во дискотеката било зачадено и многу топло, нагласувајќи дека и со заштитна опрема, иако не се допрел до огнот, добил изгореници и пликови на рацете и главата.

– Гаснењето беше многу отежнато. Пред тоалетот имаше сандаче хидрант, внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени пп апарати од девет килограми, рече сведокот.

Интервенцијата завршила околу 4 – 4:30 часот кога пожарот бил локализиран.

– По локализирање, побарав дозвола од Јавен обвинител да извршиме пребарување за останати лица. По пребарувањето извлековме уште три изгорени тела. Други не најдовме, изјави Апостолов.

Гаснењето на пожарот, како што појасни сведокот, било од две страни, внатре преку главната врата, како и од задната врата.

– Јас таа врата кога ја видов, мој колега веќе од таа врата дејствуваше и го гаснеше огнот. Дали била отворена или претходно разбивана не знам, изјави Апостолов, нагласувајќи дека пред вратата немало ниту повредни, ниту изгорени и дека целото збиднувања било пред главната врата.

Пожарникарот Благој Паунов, кој со уште еден колега пристигнал како прво противпожарно возило, на денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше дека кога пристигнале на местото на настанот пет минути по дојавата, имало многу заглавени лица и само малку чад како излегува над влезната врата и не можеле да го видат огнот по што, во согласност со процедурата, почнале да ги извлекуваат нагласувајќи дека работеле во мешани тимови од пожарникари, полицајци, обезбедување и цивили, бидејќи секој сам ништо не можел да направи, а за извлекување едно лице биле потребни најмалку двајца или тројца.

Паунов, кој бил дежурен таа вечер, изјави пред судот дека дојава за пожарот примиле во 2.35 часот по што за пет минути биле на местото на настанот како прво возило со колегата Дејан Георгиев, и почнале со извлекување на заглавените лица во дискотеката. Потоа како второ возило пристигнал и сменскиот командир и уште еден колега, а по нив и останатите колеги со уште две возила.

-По пристигнување на местото бевме упатени од полициски службеници и ни направија место да се паркираме непосредно до дискотеката. Кога излеговме, на самиот паркинг имаше многу луѓе, од кои и доста паднати. Паднати имаше и на скалите, а на влезната врата имаше и заглавени повеќе лица кои бараа помош, изјави пожарникарот Паунов.

Кога пристигнавме на местото, вели, имаше само малку чад како излегува од влезната врата, ние не можевме да го видиме огнот. Од искуство мислам дека бил пригушен и поради немање кислород не можел да се шири огнот.

– Но, нашата стандардна процедура е да се даде најголем приоритет на спасување човечки животи. Ние не гледавме пламен, моравме да ги извадиме лицата. И кога дојде и вториот тим и тие извлекуваа прво, зошто не можеа да пуштат линија. Веднаш пристапивме кон извлекување на лицата заглавени на влезната врата. Кога извадивме едно лице моравме да побараме помош од полицијата и двете лица од обезбедувањето и цивилни лица. И така во мешовити тимови почнавме да ги извлекуваме децата. Послабите полесно, а покрупните потешко и секој различно реагираше. Некои беа избезумени, во шок и грч и моравме да ги носиме до паркинг. Други, пак од паника газеа врз нас и други деца за да излезат. Кога го поднамаливме бројот, во тој момент веќе приметив дека пристигна брзата помош како и повеќе цивили и дека почнале да ги носат до болница, изјави сведокот.

По укажување дека и во билетарата има заглавени лица, пожарникарот кажа дека се пробил и во билетарата затекнал над десет лица кои веќе лежеле и не давале никави знаци.

-Излегов и побарав помош. Откако ги извлековме сите имаше друга врата, помала во која имаше многу деца заглавени. Кога излеговме веќе приметив дека се пристигнати сите мои колеги и пуштени сите линии и почнато со гасење, изјави сведокот.

Потоа влегол внатре, бидејќи им кажале дека има заглавени и кај тоалетот, и од таму почнал да извлекува заглавени лица.

– Потоа веќе бев изнемоштен и не можев повеќе да извлекувам лица и побарав замена и земав да гасам. На крајот од интервенцијата мислам дека беа извлечени уште две или три тела кои беа изгорени, изјави сведокот.

На крајот на минатото рочиште, бранителката на обвинетиот службеник во Министерството за економија, Беким Хаџиу, адвокатката, Софија Лаличиќ, побара на нејзиниот клиент да му биде укината мерка притвор. Според Лаличиќ, Хаџиу е единствениот од Министерството за економија во притвор и во повеќе наврати изминатите 10 месеци била нудена гаранција. Последен пат била понудена гаранција од еден милион и 260 илјади евра во недвижности, за кои наглсеи, ги дале семејството и пријателите на Хаџиу.

Адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот газдата на дискотеката Пулс Дејан Јованов Деко, реагираше пред Судот на тоа што се случи на минатото рочиште кога, како што рече, била направен директен притисок врз сведокот од страна на Обвинителството, што потоа предизвикало небулозни изјави, јавен линч и страв кај секој еден сведок што доаѓа да сведочи во иднина.

Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.За денешното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани уште четворица сведоци.

На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.

Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.

Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.

На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.